Неколку протести за слобода беа откажани денеска во Кабул, откако беа забранети од страна на новата талибанска влада, која се обидува да го зацврсти своето фундаменталистичко владеење, што западните земји го следат со загриженост.
Деновиве, неколку собири со стотици учесници во одбрана на слободата беа растурени од вооружени талибански борци, особено во главниот град Кабул, Мазар-и-Шариф, Фаизабад и Херат, каде што две лица беа убиени, а неколку беа ранети од истрели од огнено оружје.
Во средата вечерта, новата талибанска влада, назначена ден претходно, издаде декрет со кој се бара од Министерството за правда да го одобри секој најавен собир во иднина, а досега немало такви, тврдат од таму. На овие собири, талибанците тепале и уапсиле десетици луѓе, демонстранти и новинари.
Денеска наутро, многу повеќе вооружени талибански борци можеле да се забелажат на улиците во Кабул отколку во претходните денови, вклучително и специјалци во маскирна униформа, кои стоеле на раскрсниците и на контролни пунктови кои го следат сообраќајот на главните патишта.
Во Кабул, организаторот на собир, кој требаше да се одржи утрово пред зградата на амбасадата во Пакистан, земја блиска до талибанците, која дел од авганистанското население ја обвинува за управување од далечина, за АФП изјавил дека митингот на крајот бил откажан поради новите прописи.
Во вторникот, талибанците пукале во воздух за да го растераат собирот организиран на истата локација. Во друг дел од градот, дописници на агенцијата „Франс Прес“ не виделе никого на местото каде што требало да се одржи вториот собир во текот на утрото.