Колекционер на дигитални уметнички дела платил 335 илјади долари за лажно дело на мистериозниот британски уметник Бенкси, но парите веднаш му биле вратени од измамникот, пренесува „Си-ен-ен“.
На веб-страницата на Бенкси во вторникот се појавил линк до онлајн аукција, за дигитална слика на која човек со очила за сонце пуши цигара. Аукцијата била организирана преку онлајн-пазарот „Отворено море“, од корисникот „Гакман“, псевдоним кој Бенкси го користел во минатото.
Мислејќи дека станува збор за оригинално дело на Бенкси, британскиот колекционер под корисничкото име „Пранкси“, понудил еквивалент од 335.000 долари со криптовалутата „Етерум“. Откако понудата веднаш била прифатена и аукцијата предвреме завршила, колекционерот бил речиси потполно сигурен дека е жртва на измама. Но, се случил неверојатен пресврт на настаните, бидејќи измамникот набрзо му ги вратил парите на сопственикот.
– Можеби измамникот се преплашил од обемот на медиумско внимание што го доби – вели Пранкси.
Колекционерот, кој сугерираше дека веб-страницата на Бенкси била хакирана, на Твитер рече дека измамата можеби била дело на „хакер што сакал да докаже поента“. Дел од корисници на социјалните медиуми оттогаш го обвинија колекционерот дека тој самиот го организирал инцидентот за да се стекне со публицитет, но тој ги негираше обвинувањата.
На онлајн пазарот „Отворено море“ има стотици дела што личат на уметноста на Бенкси, иако тој никогаш не сугерирал дека ќе продава дигитални уметнички дела. И покрај тоа што речиси загубил толку голема сума, колекционерот застана во одбрана на „Отворено море“, посочувајќи дека требало да почека на „официјална верификација“ од Бенкси пред да понуди пари на аукцијата.
– Се надевам дека еден ден ќе поседувам дел од неговите вистински уметнички дела – додава Пранкси.