Денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ е одложено поради тестирање за ковид-19 на обвинителката Лиле Стефанова, како што информирал стручен соработник во Кривичниот суд. Следното рочиште за предметот е закажано за 2 септември, според календарот на судот.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува Сашо Мијалков, изјави за медиумите дека биле известени оти обвинителката побарала одлагање бидејќи, наводно, била во контакт со лице суспектно на ковид-19.
Според обвинението, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, додека неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а обвинителката Стефанова е застапничка на обвинението.