Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ БЕЗ ГЛАСАЊЕ
ВО СОБРАНИЕТО КАКО ПОВОД

Владеењето на правото е приоритет во Македонија. На тоа постојано предупредуваат аналитичарите, невладиниот сектор, меѓународната заедница, кои континуирано нагласуваат дека владеењето на правото е најважен услов за наше членство во Европската Унија. Меѓутоа често сме сведоци на низа експерименти и импровизации токму во областа на правото, кои фрлаат сомнеж на заложбите и барањата на правна држава. Дали последниот случај со издавање лични карти без гласање во Собранието е токму во таа насока

Административната криза со неколкумесечното (не)издавање на личните карти, поради амандманската блокада во Собранието на измените на Законот за лични карти, навидум е надмината. Со одлука на Владата, граѓаните од понеделникот, на 23 август, веќе можат да ги подигнат личните карти со новото уставно име на државата и усогласени со Законот за употреба на јазиците, иако не е изгласан во Собранието.

Печатењето и издавањето на личните карти се деблокирани откако Владата со подзаконски акт го овозможи тоа. Од МВР велат дека се чекало неколку месеци додека не се нашло адекватно решение.
– Станува збор за подзаконски акт што министерот има право да го донесе во согласност со постојниот Закон за лични карти, затоа и се бараше правна и законска солуција, за да се најде најадекватното решение. Ние немаме тука друга промена освен издавање лични карти со новото уставно име и во согласност со Законот за употреба на јазиците. Други промени во решението нема – велат од МВР.

Премостувањето на проблемот со подзаконски акт на Владата, воведувајќи ги предвреме изменетите обрасците на документите што не ја поминале собраниската и законската процедува (не се изгласани во Собрание, одлуката не е објавена во „Службен весник“…), од друга страна, активира прашања од системска природа. Дали со ваквата одлука извршната власт ја дезавуира законодавната власт, односно Владата се става над Собранието?
– Основниот принцип во функционирањето на една држава што се декларира како правна држава е да се почитуваат законите. Според поставеноста на политичкото и правното уредување во Македонија, со одлуки на владата не можат да се менуваат и воспоставуваат законски решенија донесени во Собранието. Исто така, додека не се изгласа нов закон, се применува и почитува постојното законско решение. А ние имаме сѐ уште важечки Закон за лични карти, кој треба да се спроведува, иако се во собраниска процедура неговите измени. Со оглед на ваквата законска поставеност, легитимно се наметнува прашањето кој е тој што противзаконски направил јавна набавка за техничко организирање на печатењето и издавањето лични карти, според проектирани, но собраниски неусвоени законски измени. Уште полошо е тоа што се чини дека сите се свесни дека подзаконскиот акт донесен од Владата за започнување со издавање лични карти според неусвоен закон е прекршување на законот. Тоа, пак, укажува на состојба дека владеењето на правото како да не е приоритет во Македонија. Сѐ друго, односно сите други политички интереси се поважни од владеењето на правото, кое е најважниот услов за членство во Европската Унија – вели универзитетската професорка Слаѓана Тасева, претседателка на НВО „Транспарентност – нулта корупција“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Индикативно е што непријатната ситуација за граѓаните со (не)издавањето на личните карти се создаде поради апдејтирањето на софтверот на МВР за печатење лични карти, усогласени со новото уставно име на државата и Законот за употреба на јазиците (двојазични лични карти), уште пред да стапат во сила законските измени на Законот за лични карти. Така, речиси 40.000 граѓани во период од два месеца, иако ја имаа започнато процедурата за реиздавање лични карти, останаа со истечени документи, во сива законска меѓузона. Образложението од МВР за предвреме апдејтираниот софтвер, беше дека предлог-измените на Законот за лични карти биле поднесени уште во март годинава, но се блокирани повеќе од пет месеци.

За опозицијата, регулирањето на ова прашање со подзаконски акт е прекршување на Уставот и на законите, додека, пак, од власта тврдат дека издавањето лични карти без да се донесат законските измени е сосема легално, зашто МВР како надлежна институција и министерот за внатрешни работи ги имаат сите законски овластувања за донесување на подзаконскиот акт со кој се уредува издавањето лична карта за граѓаните, а во согласност со Уставот, уставните амандмани, Законот за лична карта и Законот за употреба на јазиците.
– Обично законите почнуваат да важат по т.н. vacatio legis – рокот што мора да помине помеѓу објавувањето на законите или правните прописи („Службен весник“) до нивното стапување во сила. Но сложните браќа и во петок мрсат: министерот за правда, министерот за внатрешни работи, впрочем Владата како целина (претседателот на ДИК е посебен случај во приказнава, но е маргиналец) нашла креативно решение за личните карти – ќе ги издава по обрасци што не се предвидени во важечкиот закон. И како ова да не е доволно страшно, премиерот изјавува дека на пописот ќе можеле да се попишуваат и луѓе што само усно ќе го кажеле матичниот број на член на семејството или својот. (Патем, според важечките норми, и бегалците што стигнуваат од Авганистан ќе треба да се попишат тука.) Нејсе, секоја од овие теми ќе беше слична на нуклеарна бомба по своето уставно и политичко значење да беше Македонија држава. Но бидејќи таа не е тоа, сево ова е само дел од општиот мозаик и локалниот политички фолклор – пишува во својата колумна универзитетската професорка Билјана Ванковска на темата што наметнува аналогии во ситуацијата со одлуката за издавање лични карти без собраниски усвоен закон и владеењето на правото.

Професорот Љупчо Ристовски смета дека се работи за противуставен чин, кој подлежи на законски реперкусии.
– Актуелните превирања на политичката сцена, околу флагрантниот упад во правно-политичкиот систем со излетот на Владата околу процесот и методологијата за издавање на личните карти, без да се запази законската процедура за носење на измените на постојниот Закон за лични карти во Собранието на Македонија, претставува уште еден обид за разорување на правниот поредок и ништење на вредноста на владеењето на правото во Македонија.

Во случајов, ниту со Преспанската спогодба со Грција не е предвидено промена на внатрешните лични документи и исправи. Во точка 10 б), во политичките рокови или т.н. политички преоден период е предвидено (цитирам од Спогодбата) “: „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.“

Ниту една одлука на Владата не може ниту смее да премости законско решение. Оттука, овој обид на властите е непримерен најблаго речено и нашата порака е истиот тој веднаш да се стопира, оти е сериозен упад во системот, незаконски е и противуставен чин, кој подлежи на законски реперкусии поради злоупотреба на службена положба и овластување на владините претставници во случајов – вели професорот Љупчо Ристовски, активен на политичката сцена во Македонија и како лидер на политички субјект.