Во согласност со податоците искажани на регионалната конференција од страна на владини претставници и експерти од Босна и Херцеговина, Македонија и од Србија, поголемиот број идентификувани деца жртви на трговијата со луѓе во 2020 г. биле девојчиња. Во Македонија биле идентификувани шест девојчиња, во Босна и Херцеговина 24, а во Србија 18 девојчиња. Покрај девојчињата, како жртви на трговијата со деца, податоците укажуваат дека постојат и момчиња што се експлоатирани, но во согласност со македонските податоци досега не се формално идентификувани момчиња жртви на трговијата со луѓе
Лејла Дервишагиќ, оперативна директорка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје
Најчести цели за трговијата со деца во 2020 година во Македонија се присилните бракови и сексуалната експлоатација, кои биле застапени во 20 отсто, односно 50 отсто од идентификуваните случаи. Токму овие податоци биле истакнати на регионалната конференција за „Здружено дејствување во Западен Балкан за заштита на децата од трговија со луѓе и експлоатација“, на која било укажано дека во Босна и Херцеговина, Македонија и во Србија, децата претставуваат голема бројка од вкупно идентификуваните жртви на трговијата со луѓе (помеѓу 30 отсто до 80 отсто).
Ова го потврдува и Лејла Дервишагиќ, оперативна директорка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, според која, трговијата со деца и луѓе е профитабилна активност, која, според Меѓународната организација на трудот, тежи речиси над 150 милијарди американски долари на годишно ниво.
– И покрај многубројните правни и практични мерки што се преземаат низ годините, трговијата со деца во земјите од Западен Балкан и понатаму не се намалува. Постојат многубројни причини поради кои се врши експлоатација на децата, меѓу кои се: сексуалната експлоатација, присилните бракови, трудовата експлоатација, присилното питање, присилните криминални активности, како и вадењето органи за нивно продавање. Сиромаштијата, невработеноста и половата нееднаквост, исто така придонесуваат кон овој проблем. Последните истражувања покажуваат дека во Србија трговијата со деца се случува поради сексуална експлоатација, или 37 отсто во 2020 година, и 21 отсто за трудова експлоатација. Во Босна и Херцеговина, 50 отсто од децата биле присилувани да питаат, а 25 отсто од децата биле предмет на сексуална експлоатација – заклучува Дервишагиќ.
Како влијаеше пандемијата на ковид-19 на тој процес (трговија со деца)?
– Според Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА), пандемијата, за жал, дефинитивно донесе нови предизвици и ги продлабочи веќе постојните ранливости во однос на трговијата со луѓе, вклучувајќи и со деца. Изолацијата и забраните за излегување енормно ја зголемија сексуалната експлоатација на деца преку интернет и социјалните мрежи. Фокусот на криминалците беше целосно насочен на онлајн целење на ранливи деца, а дигиталниот свет во оваа ситуација се покажа како меч со две сечила. Корона-кризата, најверојатно, ќе остави долгорочни негативни економски и општествени последици врз групите со ранлива возраст и од ранливите заедници.
Како се врбувани децата од трговците со луѓе?
– Според Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, модус операнди, односно начинот на извршување на кривичното дело трговија со дете постојано се менува поради (зло)употребата на модерните технологии. Домашните експерти укажуваат на методот љубовник. Детето е означено како ранливо лице, подложно на надворешно влијание. Трговецот стапува во контакт со детето преку социјалните мрежи и лажно го заведува, потоа се договара за состанок или ветува подарок. Детето, на пример, прифаќа да испрати соголени фотографии. Потоа е уценувано од трговецот да се согласи на експлоатацијата, во спротивно родителите и училиштето ќе дознаат за фотографиите, кои би биле дистрибуирани и на социјалните мрежи. Уценетото дете на ваков начин лесно станува жртва на трговците со деца.
Каква е улогата на интернетот и на социјалните мрежи во трговијата со деца?
– Интернетот и социјалните мрежи дефинитивно играат многу голема улога во трговијата со деца. Социјалните мрежи служат за споделување информации и запознавање на младите, но исто така носат и голема опасност за нив, така што од голема важност е да се предвидат и применат превентивни и заштитни мерки. Ако порано децата немаа пристап до мобилни телефони, компјутери и интернет, денес младите генерации секојдневно се во контакт со истите тие. Пристапот до овие технологии ја зголемува појавата на „подведување и заведување“, преку страниците за играње видеоигри и социјалните мрежи. Извештаите покажуваат дека за време на пандемијата, која беше предизвикана од ковид-19, многу се зголемија онлајн врбувањето и експлоатацијата на деца со помош на разни алатки преку социјалните мрежи.
Колку деца годишно се жртви од земјите на Западен Балкан?
– Во својот шести тематски извештај за трговијата со деца, ГРЕТА истакна дека реалната бројка на деца жртви на трговија со луѓе може да е многу поголема од официјалните податоци. Поради тоа, нивната проактивна идентификација е нужност за да се избегне, односно да се побегне од кругот на експлоатација. Во согласност со податоците искажани на регионалната конференција од страна на владини претставници и експерти од Босна и Херцеговина, Македонија и од Србија, поголемиот број идентификувани деца жртви на трговија со луѓе во 2020 г. биле девојчиња. Во Македонија биле идентификувани шест девојчиња, во Босна и Херцеговина 24, а во Србија 18 девојчиња. Покрај девојчињата, како жртви на трговија со деца, податоците укажуваат дека постојат и момчиња што се експлоатирани, но во согласност со македонските податоци досега не се формално идентификувани момчиња жртви на трговија со луѓе.
Во Босна и Херцеговина има зголемен број осуди за трговија со деца со цел питање и трудова експлоатација. Во 2017 година, родител во Босна и Херцеговина е осуден на пет години затворска казна за експлоатација на своите пет деца. Во 2020 година, донесена е уште една пресуда со која се огласени за виновни родителите што ги експлоатирале своите четири деца.
Може ли да се превенираат ваквите процеси и како?
– Секако дека да, сè додека се работи заеднички на сите мерки, закони и процедури на идентификување, заштита и помагање на децата жртви на трговијата со луѓе, тоа ќе помогне за намалување, односно прекинување на кругот на злоупотреба и експлоатација. Исто така е значајно надлежните за носење на одлуките во процесот на креирање на мерките да ги вклучат надлежните државните органи, граѓанските организации и родителите, но најважно е децата жртви секогаш да бидат во центарот на овие мерки и активности. Учеството на децата и вклучувањето на нивната перспектива при креирањето на мерките за решавање на овој проблем може да придонесе во голема мера за нивна зголемена ефикасност. Тоа беше еден и од главните заклучоци на дводневната регионална онлајн конференција „Здружено дејствување во Западен Балкан за заштита на децата од трговија со луѓе и експлоатација“, организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, на која учествуваа повеќе од 130 учесници од регионот и пошироко. Во рамките на Хоризонталниот инструмент, посебни проекти беа дизајнирани за поддршка на секоја од земјите, односно Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, со цел подобрена имплементација на Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа, преку совети при креирање политики и мерки за градење капацитети за превенција и борба против трговијата со луѓе, како и заштита на жртвите од трговија со луѓе, вклучувајќи и деца. Во Северна Македонија се имплементираа низа кампањи за издигање на јавната свест за трговија со деца од страна на невладиниот сектор. Статии и информација беа споделени преку медиумите и социјалните мрежи, голем број едукативни и информативни материјали за деца и родители беа подготвени со цел превенирање на трговијата со деца, советници во образованието беа обучени на темата, а индикатори за идентификување потенцијални жртви на трговијата со деца беа изготвени за образовниот кадар.