Секако дека текстот, кој, ако имате волја и време, ќе го читате докрај, може да има и друг наслов. На пример да гласи императивно: „ВМРО-ДПМНЕ – доста кукање, дајте нешто ново“. Или молбено: „ВМРО-ДПМНЕ да ја смени плочата“. На овие основи може да се развијат низа варијанти, слични, но и различни.
И да сака човек, дури и минимум политички заинтересиран и упатен, не може да ги одбегне секојдневните соопштенија, прес-конференции, говори, изјави и други форми на контакти со граѓаните што ги прави оваа партија. Исто, пак исто. Некој подобар познавач на македонскиот фолклор би ги сместил во нов жанр на политички тажаленки, обредни песни со таква содржина што досега не се впишани во регистарот на македонската народна и пишувана литература. Некој поербап сдсмовец дури би се нафатил, некој убав ден, кога нема да биде опиен од власта, да направи и докторат на таа тема.
Не дека партијата не е во право во многу изнесени тврдења за состојбите во Македонија, но чудно е како партија со толку голем народен капацитет повеќе од една година врти иста плоча, пее иста песна. Секогаш иста композиција и структура, позната мелодија, излитен стих. И со неефективен рефрен: „Заев, па Заев, па пак Заев“ со валери за братската придружба на Филипче и Вицето. Со стереотипни стихови и застарени обрасци, со кукања, тажења и тужења, со песна еднолична, бездушна и ропска, партијата ги гради мостовите до своите поддржувачи и гласачи. Не би требало да се верува, но гледано оддалеку, по сѐ изгледа дека тоа е концептот на ВМРО-ДПМНЕ за освојување на дел од власта пред претстојните локални избори.
Употребата на народниот и прост говор отсекогаш била вмровска карактеристика, но сега се други времиња, друг сосема изменет е и народот. Тие од белата палата како да не прочитале дека во време на дигитализација, урбанизација, сурова американизација и насилна бугаризација на Македонија, тажаленките не се доживуваат како утеха, туку ја покажуваат немоќта пред тие општествени пожари. Тажните песни не се во мода како што некогаш бил во мода филмот „Бал на вода“ со Естер Вилијамс, убавина и недостижен сон на нечија младост. Со стопати повтореното губат секаква општествена и политичка смисла. Ако повторувањето е мајка на знаењето, здодевноста од повторувањето е нејзина маќеа.
Тука е и апсурдот: можеби се во право за сѐ што кажуваат и изнесуваат, но сето тоа го пеат на погрешни ноти.
Како единствен позитивен исклучок што ја покажува потенцијалната успешна позиција на ВМРО-ДПМНЕ во собранискиот живот е поднесената и прифатена Резолуција за наметнатите билатерални пречки на Македонија на патот кон ЕУ. Таа Резолуција, во која Бугарија не се споменува поименично, а главно е упатена кон неа, несомнено е полн погодок, постигнат вреден гол по урнекот на Горан Пандев, македонската фудбалска легенда. Самата Резолуција понуди еден поширок спектар можни излезни линии по кои државата ќе може да излезе од затворениот круг што актуелната власт самата го исцрта и изгради. Нејзината вредност лежи и во фактот што во неа нема тажни строфи за жална Македонија и нејзиниот иден погреб, таа е везилка низ која се плете проста и строга македонска песна.
Христијан Мицкоски и партијата го нудат и концептот „Македонија за сите луѓе“, главна парола за локалните избори гледано краткорочно, со можност за продолжено, долгорочно, дејство до наредните собраниски. Таа граѓанска понуда сигурно не може да трае до „не умри магаре до зелена трева“ и да живее во облаците на некој далечен претпоставен успех на избори. СДСМ е во право кога иронично соопштува дека „Македонија за сите луѓе“ е копија на нивниот слоган „Едно општество за сите“. Право или неправо, не е ни толку важно, важно е што и едното и другото практично не значат ништо, освен шарени балони полни со хелиум, кои брзо ќе пукнат или ќе одлетаат кон небото без некој да ги види.
Тие два наводни концепта, сигурно почнати со најдобра намера, не содржат ниту идеологија ниту разработена државничка доктрина. Ако се прави споредба, ним би им се дала улогата на палома-шамиче со кое се дува носот во Уставот на Република Македонија (сега Северна), зашто и во самиот Устав пишува дека државата е на сите нејзини луѓе и дека Македонија е едно општество за сите. Ако Уставот лаже, ако некој не верува, нека го прелиста тоа мало книжуле полно со амандмани, двосмислени формулации и нејасни термини.
Она што сега е чукање празна слама во двата концепта, како национално кредо е напишано во Крушевскиот манифест, така е напишано и во Манифестот на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, упатен до македонскиот народ уште во 1944 година. Една држава за сите, една Македонија за сите. Разликата од тогаш до денес е во тоа што во идеалите на Крушевската Република и во решенијата на АСНОМ, Македонците беа главниот народ. Во понудените таканаречени демократски програми на двете најголеми македонски партии е избришана таа историска национална предност на домицилниот народ. Збришана е утопијата дека Македонија е држава на Македонците и на сите други што живеат во неа.
ВМРО-ДПМНЕ, ако сака успех, мора да најде нови начини на
изразување на тагата и незадоволството. И на радоста, се разбира, ако ја има, ама и неа не знае да ја покаже, да ја ефектуира. Елегичните импровизации, оплакувањето на сегашноста, повторувањето на криковите, насоченоста кон Заев и компанија, се добри за опозициски и незадоволни уши, но не и да се слушаат секој ден. И Ријана да пее, и Каролина да пее, колку убаво и да пеат, ќе се препеат ако пеат преку цел ден. И најголемиот фан ќе го исклучи радиото, ќе ги извади слушалките од мобилниот, ќе погледне наоколу и ќе види дека светот се движи. И на најслабиот маркетиншки агент му е јасно дека секое долго повторување на иста содржина, на иста реклама, иста слика и тон, не носи ефект, не привлекува клиенти. Дури и учениците од основните одделенија не ги сакаат тужибабите, се тргаат настрана од нив, не ги гласаат таквите за членови на ученичките совети.
И порано сум напишал дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата што во историјата на независна Македонија неколкупати се убива сама, а потоа изникнува од сопствената пепел. По потрошените митови, по криминогените дела, по серијата порази во низа, мора да бара нов концепт на дејствување, нова, модернизирана политичка доктрина. Голиот концепт на борба против Зоран Заев, иако долготраен, се покажа нефункционален, Заев е добра и отворена цел, но уште подобро заштитена. Плус покажа особини на политичка ајкула што го изгубила сетилото за повраќање и јаде сѐ што ќе најде пред себе.
Тридецениското повеќепартиско искуство покажува дека ВМРО-ДПМНЕ цело време е присутна општествена сила, кога позитивна, негативна, дури и деструктивна. ВМРО-ДПМНЕ не е Македонија, едно невистинито, грубо, искривоколчено и штетно сфаќање што го промовира самата партија, ниту пак Македонија е ВМРО- ДПМНЕ. Но ВМРО е дел од Македонија. Колку и да сака некој да го негира тој историски факт, колку и да не го почитува, мора да го признае како стварност. Со сите негови мани, тешки кражби, грешки и глупави постапки, организацијата е составен дел на една македонска историја, колку среќна толку жалосна. Жалосна за сите, уште пожалосна доколку не се смени плочата на која иглата долго време гребе на исто место.