Осумнаесетгодишна девојка од Куманово загина а уште две лица се здобиле со повреди во сообраќајната несреќа што се случила вчера на автопатот Скопје-Куманово во близина на наплатната станица „Романовце“.
Како што информираат од МВР, вчера околу 21.55 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопат Скопје – Куманово, на околу еден километар пред наплатна станица „Романовце“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.В.(20) од Куманово и товарно возило „застава“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.В.(55) од с.Старо Нагоричане, кумановско.
На местото на незгодата починала М.М.(18) од Куманово, сопатничка во возилото „ауди“.
Додека, С.В. се здобил со тешки телесни повреди, а Д.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово.
Увид на местото извршиле екипа на СВР Куманово и Јавен обвинител, по чија наредба телото на почината било дадено на обдукција.