КИЧЕВО

Осветена црквата „Свети Илија“ во селото Калуѓерец, Бродско.
Со црковно-народен собир во селото Калуѓерец, Бродско, беше осветен новоизградениот црковен храм „Свети Илија“, подигнат на темелите на старата црква, која на ова место била изградена во 12-13 век. Чинот на осветување го извршија свештеници од Македонски Брод, со благослов на митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, г. Тимотеј, кој поради здравствени причини не можеше да присуствува на ова осветување.
– Дојде долгоочекуваниот ден на осветување на новоизградениот црковен храм „Свети Илија“. Новоизградената црква ја почнавме со градба во март 2017 година, а целосно е завршена во 2019 година. Изградбата на овој храм се реализира благодарение на дарежливоста на голем број жители на селото Калуѓерец, кои со свои средства го помогнаа возобновувањето на овој црковен храм – рече еден од главните иницијатори и организатори за изградба на оваа црква и ктитор, Васе Сиљаноски, жител на ова село.
Тој додаде дека иконостасот за новоизградениот храм е дело на мајстор од Суводол, Бродско, Алексо Гулески, додека фрескоживописот е дело на Александар Симјаноски, студент по сликарство од Македонски Брод. На оваа црковно-народна веселба беа присутни над 300 верници, од кои поголем дел живеат во други градови од земјава, а за сите присутни беше обезбеден по еден оброк, додека пејачи и групи од Македонски Брод беа задолжени за забавата по чинот на осветувањето. Сиљаноски напомена дека во изградбата на новиот храм, во целост биле искористени камењата што биле дел од старата црква.