Иран се соочува со голем недостиг од пивка вода за населението, а исто така и Европската Унија се обидува да го подобри квалитетот на водата и таа да биде еднакво достапна за сите категории граѓани

Недостигот од вода за пиење предизвикаа нови протести во Иран, а со тоа се остваруваат предвидувањата на научниците, кои пред пет години предупредија на овој егзистенцијален проблем за иранското население, што може да предизвика и масовен егзодус на Иранците. Долгогодишната суша, предизвикана и од климатските промени, најмногу се почувствува во регионот околу езерото Урмија. Тоа е едно од најголемите солени езера на светот што ја симболизира современата еколошка катастрофа. Некогаш се простирало на површина од повеќе од 3.100 квадратни километри, а во 2015 година се намалило на десеттина од оваа водна површина.
Пресушува и реката Карум, која е главна водна „артерија“ на регионот Кузестан. Во јули, жителите на овој регион богат со нафтени резерви, излегоа на протести на улиците поради недостигот од вода. Луѓето беа незадоволни и од исклучувањето од електрична енергија, која е предизвикана порани нискиот водостој на акумулациските езера и престанок на работата на хидроцентралата. Недостигот од струја е последица и на голема потрошувачка, што дополнително го оптоварува електроенергетскиот систем и предизвикува прекини во редовното снабдување со енергија. Покрај ова, Иранците се соочуваат со исклучително високи температури, загадување и поплави.
– Најголеми проблеми се глобалните климатски промени. Но дел од проблемите се и лошото управување со ресурсите, лошите еколошки политики, недостигот од планирање и неподготвеноста на системот на вакви состојби – изјави Кавех Мадани, поранешен раководител на Уредот за заштита на околината во Иран.

За да се надмине оваа нова еколошка катастрофа, актуелниот раководител на иранскиот уред за заштита на околината, Масоумех Ебтекар, повика на „земјоделска револуција“. Иран се потпира на храната што ја произведуваат домашните земјоделци, што значи и зголемена потрошувачка на подземните води, кои се трошат побрзо од годишните приливи на вода.
Со пресушувањето на мочуриштата и реките, Иран може да се соочи и со опасни песочни бури, а неговите граѓани се дополнително изложени и на социјални притисоци, поради десеткуваната економија, која „потклекна“ од американските санкции. Заздравувањето на домашната економија се одвива бавно поради одбивањето на населението да се вакцинира против ковид-19, што влијае на порастот на новозаболените и на смртните случаи. Во минатонеделните протести излегоа и медицинските сестри, работниците, пензионерите и илјадниците сезонски работници на нафтените полиња.
Во Европа се свесни за проблемите што може да бидат предизвикани од недостигот од вода. Европскиот парламент минатата година го одобри договорот со земјите-членки за новата директива за водата за пиење. Со новите правила ќе се подобри квалитетот на водата од водоводот во целата Унија. Ова е реакција на барањата на два милиони Европејци, кои ја поддржаа иницијативата „Рајт2вотер“ за подобрување на достапноста на сигурна вода за пиење, која е прва успешна европска граѓанска иницијатива, пренесува „Јутарњи лист“.

За таа цел, земјите-членки на ЕУ ќе обезбедат бесплатна достава на вода во јавните згради, а рестораните и кантините и другите угостителски објекти ќе влијаат да нудат вода од чешма бесплатно или за ниска цена. Земјите-членки треба да ја подобрат и достапноста на вода на ранливите групи, како што се бегалците, номадските заедници, бездомниците и малцинските заедници, како што се Ромите и Чергарите.
– Време е да ги ажурираме и потрошиме граничните вредности за штетните елементи како оловото. Парламентот се залага за спроведување на новата директива за водата за пиење да биде уште побезбедна за луѓето – изјави европратеникот Кристоф Хансен, кој е претставник од ЕПП од Луксембург“.