Во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби учествуваше на Тркалезната маса на тема: „Важноста на Охридскиот договор за помалубројните заедници“, во организација на Агенцијата за Остварување
на правата на заедниците во соработка со Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците.

Во својот говор, Груби рече дека нашето општество во претходната пракса ги прифати добрите меѓуетнички односи и денес може да се каже дека тоа е основата на заедничкиот успех.

– Охридскиот рамковен договор донесе нови можности за сите заедници, донесе можности за сите нас еднакво да се вклучиме во развојот на државата. Сигурно е дека одржлив развој не е возможен доколку некој се остави на маргините на општеството. Тука не зборувам само за етнички заедници, туку заедници од сите заинтересирани групи. Благодарение на Охридксиот договор, денес, покрај македонскиот и албанскиот јазик, имаме општини каде официјален јазик е и ромскиот, турскиот, босанскиот, српскиот и припадниците на овие заедници веќе се интегрирани во сите сфери на општеството, иако не во посакуваниот и во потребниот број – рече Груби.

Според него, фазата на затворање на нормативниот дел е достигната и соработката не треба да недостасува и во спроведувањето на практичниот дел од Охридскиот договор.

– Добрите практики утврдени со Охридскиот мировен договор, добрите меѓуетнички односи, социјалната кохезија, недискриминацијата и толеранцијата преку постојано негување треба да бидат појдовна точка за секој последователен процес во општеството, бидејќи заедно ја поминавме фазата на измена на Уставот, измената и донесувањето на закони за имплементација на Рамковниот договор и ја достигнавме фазата каде што се завршува неговиот нормативен дел, апелирам да не недостасува вашата дополнителна соработка и кохерентност и заедно да работиме на имплементација на практичниот дел од Охридскиот договор, бидејќи секој од нас е дел од тој заеднички мозаик на едно еднакво општество за сите – додаде тој.