Дополнителни 438 невработени лица ќе бидат опфатени со меркaтa за субвенционирање плати преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Владата на Република Северна Македонија, на последната седница, преку пренамена на средства во износ од 100.000.000 денари, обезбеди поголем опфат на невработени лица.
Со овој вид поддршка, бројот на невработени лица што ќе бидат опфатени со мерката субвенционирање плати, од 866, ќе се зголеми на 1.304. На тој начин, вкупниот опфат на невработени лица со Оперативниот план ќе се зголеми од 10.279 на 10.717 лица.
Со Оперативниот план, како што е соопштено од Министерството за труд и социјална политика, за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување што ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и за поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради коронавирусот.
За првпат оваа година во Оперативниот план се предвидени три принципи, според кои приоритет им се дава на лицата што ја изгубиле работата поради пандемијата на ковид-19, потоа принципот на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.