Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека јавниот долг на државата достигнал 7,4 милијарди евра.
– Но тоа не е најголемиот проблем. Уште поголем проблем е што за само шест месеци тој долг порасна за 904 милиони евра. Значи само за шест месеци порасна долгот за 904 милиони евра. А, тоа се народни пари, позајмени од Владата кои што треба граѓаните да ги плаќаат поради неспособните и неекономските политики на оваа Влада и обидот за сериозен поткуп и влијание на гласачите за следните локални избори – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека откако е оваа влада на власт повеќе од две ипол милијарди евра е зголемен долгот.
– Тоа значи дека секој еден граѓанин во Македонија должи повеќе од 1.250 евра, откако оваа Влада е на чело на државата – нагласи Мицкоски.
На сметка на тоа БДП, рече Мицкоски, воопшто не е ни поместен од тоа што беше нивото во 2017-тата година. Ја обвини Владата дека позајмува, троши, а ефекти во економијата нема.
– И за тоа нема денес претприемач, нема стопанственик кој што не се жали од неекономските политики на оваа Влада. Јас сум шокиран и од друг показател бидејќи го следам оној бројач во министерството за финансии и можам да заклучам дека во јули месец дефицитот е зголемен за нови 5 милијарди од прилика денари, а нивото на капиталните инвестиции заклучно со јули месец нема да надмине девет милијарди денари, иако ветуваа дека реализацијата на капиталните инвестиции согласно ребалансот ќе биде 30 милијарди. Имајќи предвид дека доаѓаат месеци кога реализацијата ќе биде слаба, не очекувам дека таа бројка ќе надмине 15 милијарди денари – рече Мицкоски.