Славниот басист на американскиот блуз-рок бенд „Зи Зи Топ“, Дасти Хил, починал во петокот во сон во 72. година, во својот дом во Хјустон, Тексас.

„Со жалење ве известуваме дека нашиот „компадре“, Дасти Хил почина во сон во Хјустон“, напиошаа членовите на бендот Били Гибонс и Франк Бирд на социјалните мрежи, а тао го пренесе магазинот „Сан“.

Тие додале дека и на нив, како и на армија фанови во САД и во целиот свет, ќе им недостасува неговата смиреност, добрина и посветеност на „Зи Зи Топ“.

„Секогаш ќе бидеме поврзани, ќе ни недостасуваш многу амиго“, порачаа тие.

Хил неодамна го повредил колкот, поради што не настапил на неколку настани претходните недели, но се уште не се знае каква е поврзаноста на повредата со неговата смрт. Додека бил повреден, членовите на бендот на своите фанови им соопштиле дека ќе дојде до промена во составот, па Елвуд Франсис, долгогодишниот гитарски техничар, го пополнувал местото на Хил.

„Зи Зи Топ“, еден од најзначајните светски блуз-рок состави, формиран во 1969 година во Хјустон, Тексас и до сега имаат издадено дваесетина студиски албуми, а примени се и во „Рокенрол холот на славните“.

На 22 октомври 2009 година бендот одржа концерт за паметење во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на својата светска турнеја, кога и скопјани ги слушнаа во живот нивните најголеми хитови: Rock on, „Sleeping Bag„, „Fandango“, „Foxy lady“, „Got me under presure“…

М.Т.