Лабораториите на Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје, чија работа е акредитирана според ИСО 17025, се единствените лаборатории од овој тип во државата и располагаат со најсовремената и најсофистицирана опрема. Со цел зголемување на безбедноста при изведување на работните процеси во хемиските лаборатории на Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје се вградија нови хибридни дигестори кои се предуслов за безбедно лабораториско работење.
– Објектот во кој е сместен Секторот за санитарна контрола во кои се наоѓаат лабораториите за тестирање и контрола на квалитет на вода за пиење на град Скопје е изграден и пуштен во употреба 1995-1996 година. Со изградбата, како дел од лабораториска опрема биле вградени дигестори, кои од тој период па до денес успешно си ја вршеа својата заштитна функција, но со напредокот на техниката и технологијата, како и осовременувањето на лабораториското работење се јави потреба за вградување на нови. Бидејќи се едни од основните заштитни уреди на секоја лабораторија тие се основен предуслов за работа во неа. Целта на дигесторите е да обезбедат заштита на аналитичарот, заштита од вдишување на штетните гасови и значително да го намалат ризикот од пожар и експлозија, заштита на експериментот и заштита на животната средина. По своите карактеристики и особини е киселинско-базно отпорен заштитен кабинет кој ги абсорбира сите испарливи гасови кои се дел од голем број на хемиски реакции. Дигесторите овозможуваат безбедни услови за работа и максимална заштита на вработените – објасни Билјана Петровска, раководителка
на Секторот за санитарна контрола.
Петровска додаде дека дигесторите кои се поставени во хемиската лабораторија за питка вода и хемиската лабораторија за отпадни води се од италијанскиот производител Чем Фаст со хибридна техника. Во ЧемФаст дигесторите се е безбедно итегрирано и нема присуство на нефилтрирани гасови. Кај хибридните дигестори функционалноста е
комбинација од традиционалното и модерното одведување на гасови со филтрирање.
– Инвестициите се движат во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста на работните процеси, но и заштита на вработените, која е на прво место. Придобивките од инсталацијата на овој тип на дигестори се и во рамки на енергетската ефикасност, но и заштита на животната средина имајќи го предвид фактот дека истите имаат и систем за енергетска заштеда, со што се обезедува до 80% помала потрошувачка на енергија од класичните типови на дигестори. ЧемФаст дигесторите имаат и посебни филтри преку кои се филитрира и најмалото количество на издувен гас пред да се испушти во воздухот. Ваков тип на дигестор, освен во хемиските лаборатории, е поставен и во Пречистелната станица за отпадни води – Волково – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.