Француските законодавци направија чекор напред кон одобрување на законот за воведување на задолжителната вакцинација за одредени професии, како и на сертификатот за вакцинација или негативен ковид-тест како услов за присуство на разни настани, наспроти протестите во државата. Законот треба да биде одобрен од долниот дом на парламентот откако помина во францускиот сенат, пренесува „Политико“.
Во пресрет на гласањето во сенатот, повеќе од 160 илјади луѓе протестираа ширум Франција против предложените рестрикции. Околу 35 отсто од француските граѓани ги поддржуваат протестите според последните анкети. Тоа е значително помала поддршка во однос на антивладините протести како оние на „жолтите елеци“.
Демонстрантите ја отфрлаат, као што велат, „санитарната диктатура“, тврдејќи дека сертификатите за вакцинација ја нарушуваат индивидуалната слобода. Француската влада будно ги следи протестите, стравувајќи од нова општествена криза. Владата направи и одредени отстапки во рестрикциите, како на пример за присуство во трговските центри.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги критикуваше демонстрантите, инститирајќи дека вакцината останува најефиктивниот начин за заштита во пандемијата.
– Колку вреди вашата слобода ако кажете дека не сакате да се вакцинирате, но утре го заразите вашиот татко, мајка или мене? Јас сум жртва на вашата слобода кога имавте можност да се заштитите себеси и да ме заштитите мене. Тоа не е слобода, тоа е неодговорност и себичност – им кажа францускиот претседател Емануел Макрон на новинарите за време на неговата посета на Тахити.
Повеќе европски држави напредуваат кон воведување на слични прописи со сертификатите за вакцинација, со цел да го сопрат новото ширење на заразата, а истовремено да им овозможат на граѓаните враќање кон секојдневните активности.
Германската политика, пак, останува поделена за ова прашање, со што канцеларката Ангела Меркел ја отфрли можноста за пристап сличен на францускиот. Но идните потези на германските власти би зависеле од евентуалниот пораст на бројот на заразени.