Тоа е мотото на младиот Погачар, кој победи на престижната велосипедска трка Тур де Франс, двапати во низа. Лани беше вториот најмлад победник во 116-годишната историја на таа трка, а сега е најмладиот двоен победник на Тур. Сега за него следува настап на ЛОИ
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – НОВ ТРИУМФ НА ТАДЕЈ ПОГАЧАР
Дојде, виде, победи! Словенецот Тадеј Погачар е „чудото од момче“ што лани, на 21 година, стана вториот најмлад победник во 116-годишната историја на најпрестижната велосипедска трка во светот, Тур де Франс. Сега тој е најмладиот двоен победник на Тур. Лани никој не очекуваше дека ќе може да го победи својот идол и сонародник, Примож Роглич, исто така, еден од најдобрите светски велосипедисти. Но дека не е ѕвезда што блеснала и згаснала прекуноќ, Погачар докажа годинава кога на супериорен начин вторпат триумфира, сега на 108-то издание на Тур. Во минатите неколку години вакво нешто му успеа само на британскиот велосипедист Крис Фрум.
– Дадов сѐ од себе, извлеков максимум, како и секогаш, и тоа беше доволно. Не можам да ги споредувам двете победи на Тур де Франс и да кажам која е поубава, сѐ беше тотално поинаку. Годинава ја облеков „жолтата маичка“ доста порано – изјави Погачар, чие мото е „никогаш не престанувај да се обидуваш и никогаш не откажувај се“.
Погачар ја почнал спортската кариера на деветгодишна возраст, со топка, на фудбалските терени во родната Коменда, близу Камник, во подножјето на Велика Планина. Велат дека бил талентиран, но набргу се префрлил на велосипедизмот, со постариот брат Тилен, и почнал да тренира во клубот Рог Љубљана. Уште на рана возраст бил вклучен во националниот велосипедски тим. Погачар не блесна неочекувано на Тур лани. Во 2019 година, како дебитант на португалската „Волта ао Алгарве“ ја декласира велосипедската елита. Потоа следуваше трката „Амген Калифорнија“, каде што стана најмладиот победник на велосипедска трка во САД. На шпанската Вуелта, една од трите најголеми грантур-трки во светот, Погачар беше трет, победувајќи на три етапи, и се искачи на победничкиот трон, покрај Роглич и Алехандро Валверде. Во 2020 победи на Трката околу Валенсија, а триумфот на Тур де Франс беше „крем де ла крем“ во неговата кратка, но блескава кариера. Годинава продолжи со победите, на италијанската трка од Тиренско до Јадранско Море и на белгиската трка Лиеж – Бастоњ – Лиеж, победи и на Трката околу Словенија, која беше вовед во новата победа на Тур де Франс каде што повеќето етапи ги извози како лидер. Сега за него следува настап на Летните олимписки игри.
Предвидувањата се дека Погачар ќе биде доминантна сила на грантур-трките уште многу години. Но тој ѝ се потсмева на идејата дека ова е почеток на „ерата Погачар“.
– Не го сметам ова за „ера на Погачар“. Тоа е глупаво според мене, но сигурно е дека доаѓа нова ера. Има многу млади велосипедисти што возат на највисоко ниво и во следните неколку години ќе има многу интересни трки – вели Погачар.