Силите во подем јасно ја препознаваат клучната важност на трговските, дипломатските и политичките врски на нивните земји со нивната сфера на влијание. Но, за жал, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден сега треба да ја научи таа лекција од Кина и Русија за доброто на Американците, но и на Европејците. Единствено така Америка ќе се врати на меѓународната сцена што поскоро
Америка се врати на меѓународната сцена. Тоа беше клучната порака што американскиот претседател Џо Бајден се обиде да ја пренесе за време на својата прва официјална странска турнеја откако ја презеде функцијата во јануари. Но додека самиот Бајден повторно ѝ се приклучи на групата на глобални лидери, откако претходно служеше како потпретседател во двете администрации на Барак Обама, минатите политики на САД можеби нема да ја добијат истата можност за големо враќање. Денес живееме во еден поинаков свет отколку што беше пред само неколку години. Геополитичките тензии растат, а соработката за заедничките предизвици е поитна од кога било. Појавувањето на нови играчи како глобални сили, особено предизвика длабоки и речиси егзистенцијални стравови во САД, што доведе до повторна процена на сите политики. Споредбата помеѓу Привременото стратегиско упатство за национална безбедност на администрацијата на Бајден, кое беше објавено во март, и Стратегијата за национална безбедност од 2015 година, претставена кога Бајден беше потпретседател, дава увид во логиката на тоа повторно проценување. Стратегијата од 2015 година ѝ посвети значително внимание на Кина, во која беше забележано дека САД „внимателно ќе ги следат воената модернизација и проширување на присуството во Азија“ на таа земја. Но најновите упатства во преден план го ставаат „зголемувањето на ривалството“ на Америка со една „сè посамоуверена“ Кина и во нив се предлага стратегија како да се постапи. Во официјалниот документ пишува дека „ако се земе сè предвид, оваа агенда ќе ги зајакне американските трајни предности и ќе ѝ овозможи на државата да надвладее во стратегиското натпреварување со Кина, Русија или која било трета нација“. Администрацијата на Бајден има целосно право да работи на зацврстување на економската конкурентност на Америка и на зајакнување на нејзината физичка инфраструктура и човечки капитал.
Ваквиот чекор е во интерес на целиот свет. Но ако САД сакаат ефикасно да се натпреваруваат со Кина, Русија или со другите сили во подем, ќе треба да гледаат подалеку од нивните граници и наедно напред во иднината. Како што стојат нештата, американската конкуренција со другите светски сили се однесува првенствено во економскиот домен, бидејќи нивниот БДП продолжува да расте и нивните лидери одлучно се движат кон создавање подлабоки трговски и инвестициски врски со земјите и регионите во светот. Таков е случајот со Кина, која прерасна во трговска суперсила, со која тргуваат над 100 земји најмалку двојно повеќе отколку што прават со САД.
Степенот до кој овие земји се шират и ја вкоренуваат нивната трговска доминација ќе им помогне во успехот да го утврдат обемот на нивното политичко влијание. Ако неодамнешното упатство на администрацијата на Бајден е каква било индикација, тие ќе се соочат со релативно малку бариери за постигнување на своите цели. Стратегијата за национална безбедност препозна, на пример, дека иницијативите како Транспацифичкото партнерство (ТПП) и Трансатлантското партнерство за трговија и инвестиции (ТТИП) ќе им овозможат на САД да ги постават „највисоките светски стандарди за работнички права и заштита на животната средина“, да ги отстранат бариерите за нивниот извоз и да ги стават „во центарот на зоната на слободна трговија што опфаќа две третини од глобалната економија“.
Денес, ниту ТПП ниту ТТИП не се во функција, барем не со САД како членка. Затоа на неговата прва официјална странска турнеја во Европа, иако Бајден се согласи со ЕУ-лидерите на петгодишно примирје во нивниот седумнаесетгодишен трговски спор околу субвенциите за производителите на авиони, тој не ги укина царините што Трамп ги воведе за европскиот челик и алуминиум. Затоа, на пример, земјите како Кина и Русија не губат повеќе време да ја искористат оваа хаотична ситуација меѓу ЕУ и САД за уште повеќе да го развијат својот трговски углед. Останува да се види што ќе произлезе од тековните трговски напори на силите во подем. Но јасно е дека овие лидери, особено кинеските и руските, ја разбираат критичната важност на трговските врски на нивната земја со нејзината сфера на влијание. Американските лидери треба да ја научат таа лекција за доброто на Американците и на Европејците. Единствено така Америка ќе се врати на меѓународната сцена што поскоро
Авторот e поранешен министер за надворешни работи и премиер на Шведска. Беше специјален пратеник на ЕУ и на ООН за поранешна Југославија. Билд исто така е колумнист за „Проџект синдикејт“.