Наместо за одржување и уредување на речните корита, ископаните суровини се наменети исклучиво за профит, без притоа да се води сметка за последиците и штетите врз природата од ископувањата
Контролата врз ископувањето и вадењето песок, чакал и камења од речните корита во Македонија од страна на институциите е недоволна. Природата се исцрпува, додека оштетени се граѓаните на кои водата им е потребна за наводнување на културите што ги одгледуваат. Наместо за одржување и уредување на речните корита, ископаните суровини се наменети исклучиво за профит, без притоа да се води сметка за последиците и штетите врз природата од ископувањата.
Во Законот за води постои општа забрана да се вадат чакал, песок и камен од бреговите на реките, езерата и акумулациите, бидејќи со тоа се нарушува постојниот режим на водите, настанува ерозија и се ограничува или оневозможува користењето на водите. Сепак, има и исклучоци, односно со вадењето понекогаш се уредуваат и одржуваат површинските води, врз основа на дозвола што ја издава МЖСПП. Со дозволата се утврдуваат локацијата, количеството, начинот и времето на ископот за уредување на речните корита. Додека на хартија договорите се наменети за одржување и уредување на речните корита, извадениот материјал се користи за продажба и притоа не се воспоставени мерки за заштита од нелегален ископ.
Чакал и песок се ископуваат на над 30 локации во Македонија, а половина од концесиите се со истечен договор, додека инспекциските служби ретко ги фаќаат престапниците на дело.
– Државниот инспекторат за животна средина проверува дали се наплатени надоместоци при ископот на песок и чакал од уредувањето на водотеците. Меѓутоа, не е едноставно да се направи споредбата помеѓу евентуалните штети од ископувањата и приходот од надоместоците. Штетите не може директно да се измерат бидејќи тие се различни и на различни локации – вели Ана Петровска, директорка на Инспекторатот за животна средина.
Речниот слив на реката Вардар, кој опфаќа повеќе од 80 отсто од расположливите водни ресурси на територијата на Македонија, е полн со дупки и мочуришта предизвикани од нелегалното ископување. Во минатото граѓаните од неколку села самоиницијативно протестираа, со цел да ги заштитат водите, кои им се потребни за наводнување на обработливите површини.
– Песок и чакал се вадат и без дозвола. Водостопанските инспектори постапуваат по претставки, но сепак, сторителите се откривани во мал број случаи. Причините за тоа се различни. Од моментот на пријавата до моментот на реакцијата може да помине време, бидејќи немаме инспектори во секоја општина. Сторителите добиваат дојави за доаѓање на инспектор, по што, кога ќе пристигне инспекторот, сторителот веќе престанал со ископ на песок и чакал. Државниот инспекторат за животна средина има соработка со полицијата за случаи поврзани со незаконска експлоатација на песок и чакал, но немаме информации дали и колку казни тие имаат изречено – истакнуваат од Инспекторатот за животна средина.
На ваков начин, наместо регулација на површинските водни тела, ископот на материјал станува нелегален бизнис со комерцијални цели, а одредени договори достигнуваат вредност од илјадници евра.
– Песок и чакал во близината на реките може да се експлоатираат доколку е издадена дозвола за експлоатација, а врз основа на претходно склучен договор за концесија. Песок и чакал можат да се вадат доколку се врши уредување на речните корита, меѓутоа во овој случај песокот се вади за да се заштити крајбрежниот појас од поплави, а не за комерцијални цели. Најпрво, извадениот песок треба да се користи за зацврстување на бреговите, а само вишокот може да се продава – објаснува Петровска.
Преку направените теренски контроли од страна на Инспекторатот за животна средина, утврдени се многу недостатоци кај неколку реки, а има пропусти и во документацијата.
– Со овие документи многу ретко навистина се оценува штетата за животната средина. Кога дозволите веќе ќе бидат издадени, се отежнува работата на инспекторатот во однос на санкционирање на концесионерите, кои прават штета врз крајречните живеалишта, предизвикуваат ерозија и можат да придонесат за промена на хидролошкиот режим и загадување на подземните води – вели Петровска.
Но повеќето од фирмите што вршат ископување на чакал, песок и камења од речните корита немаат програма за заштита од штетното дејство врз водите и оперативен план за заштита и одбрана од поплави. Токму затоа од Државниот инспекторат бараат одземање на нивните активни дозволи за ископување, додека да бидат изготвени овие оперативни планови. Кај АД „Водостопанство“, преку постапка за јавно наддавање се одбира понудувач/купувач, кој извадениот материјал може да го преземе од депо, но и да го извади со сопствена механизација. Во практика, постојат и случаи кога понудувачот не располага со сопствена механизација, па тој склучува договор со други лица за користење на нивната механизација и продажба на наносниот материјал, по цена повисока од таа што ја понудува на АД „Водостопанство“, и остварува приход што е поголем од оној на носителот на дозволата, што е и мотив за вадење песок, чакал и камен. Песокот ископан во близината на водните површини е најпогоден за користење и се употребува во градежништвото, поради што со овој материјал се остваруваат големи заработки.
Договорите се злоупотребуваат во случаи кога нема соодветна инспекциска контрола и нема доволен број инспектори.
– Оттука, предлагаме заштитата и подобрувањето на водотеците, на водниот режим со ископ на чакал, песок и камен, да биде дејност од јавен интерес, а да не биде дадена на концесии или, пак, преку јавно-приватно партнерство. Освен во ситуации кога има потреба за заштита од штетното влијание на водите, односно поплави, порои и во ерозивни подрачја, воопшто да биде забрането ископувањето. Дозволите треба да се доделуваат исклучиво врз основа на програми и планови за заштита од вакво штетно влијание, а фирмите треба да престанат да ископуваат кога ќе се исполни целта за регулирање на речните корита. Исто така, треба да прават геодетски мерења пред и по ископувањето, како доказ за ископаниот материјал – смета Дејан Андонов од Институтот за комуникации, кој ја спроведува кампањата „Разбистри сѐ“.
Покрај уништувањето на речните корита и менувањето на текот на реките, последиците честопати ги чувствуваат луѓето во чија близина се изведуваат ископувањата, бидејќи нивните обработливи земјишта се опустошуваат и тие немаат начин за наводнување на почвата, а се случува да останат и без вода за пиење.
Со оваа сторија, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.