Многу од обвиненијата поднесени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кон крајот на јуни 2017 година се потврдени пет-шест месеци подоцна што укажува дека е предолго времето меѓу поднесувањето на обвинение и неговото потврдување.
Ова е една од забелешките на Мисијата на ОБСЕ во првиот преоден извештај за активностите и предметите на Специјалното јавно обвинителство кој го опфаќа периодот од септември 2015 година до јануари 2018 година.
– Иако Законот за кривична постапка не предвидува рок до кој едно обвинение мора да се потврди, времето меѓу поднесувањето на обвинение и негово потврдување може да се смета како предолго, а тоа создаде перцепција дека судот е пристрасен и е против судење во разумен временски рок, а истите особено загрижуваат во врска со случаите каде треба наскоро да настапи апсолутна застареност, се вели во заклучоците на извештајот.
Поради тоа од ОБСЕ препорачуваат да се измени и дополни законодавството во согласност со Националната стратегија за реформи во правосудството за периодот 2017-2022 година и да се решат постоечките ограничувања во законската рамка кои можат да ги спречат тековните истраги на СЈО.
Препораката до СЈО е да има потранспарентен пристап кога воспоставува надлежност врз случаи по кои постапува Јавното обвинителство, а на Основниот суд Скопје 1 му се препорачува да ги применува истите стандарди како за случаите на ЈО и за случаите на СЈО.
В.д. шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстин смета дека треба да се обезбеди целосна одговорност за можните кривични дела откриени преку прислушуваните разговори.
– Од особена важност е да се решат прашања поврзани со иднината на СЈО и на отворените истраги во кои нема покренато обвиненија, рече Голдстин на денешната презентација на извештајот.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не гледа опасност за застарување на предметите и изрази надеж дека и судовите ќе водат сметка за тоа. Најави дека во шестмесечниот извештај што го објавува СЈО, ќе има посебен дел за незаконското и неправилното работење на судовите и одредени судии.
СЈО има отворено вкупно 20 предмети поврзани со прислушуваните разговори, а од Јавното обвинителство ги има преземени предметите за убиството кај Смилковското Езеро, „Пуч“, „Сопот“ и „Шпион“. Обвинетите се 142 лица и седум компании. До крајот на јануари годинава потврдени се вкупно 20 обвиненија, а најчестото дело за кое гони СЈО е злоупотребата на службената положба и овластување. СЈО во овој период води и 12 тековни истраги.