Германија е поуспешна од Англија во меѓусебните дуели, има 15 победи, 13 порази и четири ремија. На официјалните дуели, Германците почесто се радуваат, односно по 1966 година, победија на три од петте меча на СП

Германците имаат добар биланс со Англија на „Вембли“, па затоа, составот на Јоаким Лев, во релаксирачко расположение се подготвуваше за вечерашниот осминафинален меч на ЕП 2020. На официјалната интернет-страница на Бундес-лигата беше објавен напис со наслов „Пет причини зошто Германија ќе ја победи Англија“. Во текстот, меѓу другото, се наведуваат добрите резултати на Германија на „Вембли“, враќањето на Леон Горецка во тимот по повредата и формацијата на Лев, 3-4-3, со која тој го добива најдоброто од Џошуа Кимих и од Робин Госенс по страничните позиции.
Германија е поуспешна од Англија во меѓусебните дуели, има 15 победи, 13 порази и четири ремија. На официјалните дуели, Германците почесто се радуваат, односно по 1966 година, победија на три од петте меча на СП. Неодамнешната историја исто така е во прилог на Германија. На СП 1990, тие победија на пенали во полуфиналето, а во осминафиналето на СП 2010 во Јужна Африка, со 4-1.
Битна разлика помеѓу двете селекции е и тоа што мнозинството фудбалери во германскиот состав знаат како се освојуваат титули, што може да биде клучно во нокаут-натпреварите. Мануел Нојер, Томас Милер, Матс Хумелс и Тони Крос играа во финалето на СП 2014 година, во кое Германија ја победи Аргентина по продолженијата со 1-0. Германија е таа што стигна до полуфиналето и понатаму на пет од шесте турнири под водство на Лев.


Саутгејт: Можеме да испишеме нова историја

Овој меч е одлична можност за овој тим да направи историја и да им остане во добро сеќавање на луѓето во иднина, малку поинакви од оние со кои бевме преплавени последниве неколку дена. Но тоа не значи апсолутно ништо за нив, затоа што и не беа родени во тоа време. Како тим ние бевме добри во дефанзива, што на вакви турнири е многу важно. Се разбира, сакаме да бидеме малку пофлуидни и сѐ уште не го постигнавме тоа. Германија беше во тешка група, со силни противници, има огромно искуство од големи натпревари што ја прави сериозен ривал – изјави Саутгејт.


ЕП 2020, ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Велс – Данска 0-4
2. Италија – Австрија 2-1
3. Холандија – Чешка 0-2
4. Белгија – Португалија 1-0
5. Хрватска – Шпанија синоќа
6. Франција – Швајцарија синоќа
7. Англија – Германија 18 ч.
8. Шведска – Украина 21 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Италија – Белгија петок
Победник 5 – Победник 6 петок
Победник 7 – Победник 8 сабота
Чешка – Данска сабота