ОЛЕГ ШЧЕРБАК, АМБАСАДОР НА РУСКА ФЕДЕРАЦИЈА

За перспективите на руско-македонската соработка, очекувањата од својот наследник, за Македонија помеѓу Западот и Русија, претстојниот референдум и, конечно, за впечатоците што оттука ќе ги понесе во својата татковина, „Нова Македонија“ разговараше со амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак, откако рускиот претседател Владимир Путин, пред извесно време, го назначи Сергеј Баздникин за нов амбасадор во земјава.

Господине амбасадор, како го оценувате развојот на руско-македонските односи за време кога бевте на функцијата шеф на дипломатската мисија во Македонија?
Ми беше мило и интересно да работам во Република Македонија, чиј народ длабоко го почитуваат во Русија и со кој сме поврзани со повеќевековни пријателски врски, заеднички темели и духовни вредности. Главната задача на секој руски амбасадор и на сите наши дипломати што работат во вашата земја е да придонесуваат за зачувување и зацврстување на ова непроценливо наследство, да ги унапредуваат заемно корисната соработка и меѓусебното разбирање. Искрено им се заблагодарувам на граѓаните на Република Македонија за нивниот добар однос кон Русија, во која апсолутно мнозинство Македонци гледаат вистински пријател. Мислам дека токму тоа е најзначаен резултат на мојата работа тука, исто како и напорите на сите мои претходници на оваа функција. Многу корисни работи беа направени и за динамичен развој на трговско-економските, образовните, културните, хуманитарните и други односи меѓу нашите две земји. Убеден сум дека, и покрај некои тешкотии во тој развој настанати поради долгата внатрешнополитичка криза во Македонија, потенцијалот на нашите односи е многу голем и доколку во истите тие ќе преовладува курсот на заемно водење сметка за интереси како на едната, така и на другата земја, како и на зацврстување на добронамерната атмосфера, нашата натамошна соработка ќе има големи перспективи. Од своја страна, подготвени сме да го унапредуваме сестраното партнерство со Република Македонија толку длабоко и широко колку што за тоа е подготвена самата македонска страна. Како што е познато, Русија не дава празни ветувања.

Ваша екселенцијо, три години бевте доајен на дипломатскиот кор во Македонија. Каква порака испративте вие во тоа својство?
Да, неколку години ја вршев оваа почесна должност и ѝ се заблагодарувам на македонската страна, а и на моите колеги од дипломатскиот кор за конструктивната соработка во извршувањето на обврските на доајенот. Мислам дека на ова поле успеав да го постигнам главното што се бара од амбасадорот што најдолго се наоѓа во земјата, односно со својот пример да покажува целосна почит кон земјата-домаќин, нејзиниот суверенитет, обичаи и традиции, стриктно да го почитува дипломатскиот протокол, да не дозволува да се прават обиди за политизирање на мисијата на доајенот. Се надевам дека мојот наследник во оваа улога, без разлика кој ќе биде, ќе се однесува на истиот начин и строго ќе ги почитува одредбите на Виенската конвенција за дипломатските односи.

За јавноста, веста за завршување на вашата функција беше изненадување. Во јавноста беа лиферувани различни претпоставки и теории за причините, па дури и такви што ве поврзуваат со претстојниот референдум и Преспанската спогодба?
Сите тие шпекулации се неосновани. Ја разбирам желбата на некои новинари и медиуми во трката по сензација да измислат секакви, дури и најекстравагантни теории за толку секојдневна процедура за дипломатската практика, каква што е смената на еден амбасадор. Притоа морам да ги разочарам – постапката за назначување на мојот наследник беше започната долго време пред да се појават на хоризонтот Преспанската спогодба и идејата за одржување на референдумот. Вистината е едноставна. Како што веќе спомнавте, јас работев во Република Македонија речиси осум години и тоа е за малку рекорд за шефови на странски дипломатски мисии во Скопје. За овој временски период тука се сменија по неколку амбасадори од други земји. Дојде време и јас да завршам со работа во вашата гостопримлива земја, да им кажам „до видување“на многубројните македонски пријатели.

Дел од јавноста е уверен дека Русија прави сѐ за да не дозволи решавање на спорот за името, односно дека Русија е подготвена да го спречи влегувањето на Македонија во НАТО по секоја цена. Каков е вашиот коментар на овие обвинувања?
Веќе повеќепати дававме изјави за апсурдноста и лажното потекло на овие тврдења. Станува збор за намерни медиумски шпекулации, пумпање на русофопската хистерија, заплашување на луѓето со „руската закана“ за да се постигнат конкретни внатрешни и надворешнополитички задачи. Клучната од нив е на секој можен начин Македонија да се вовлече во НАТО. Многу ми е жал дека дел од политичкиот врв во вашата земја, соочувајќи се со недостиг од поддршка од јавноста, се обидува слепо да ги копира порочните методи на Вашингтон и Лондон, кои со своите клеветнички обвинувања на адреса на Русија не ја подобрија својата репутација, туку фактички ги поништија односите со Москва и сега не знаат како да излезат од ќор-сокакот без да го изгубат угледот. Сметам дека и владејачките кругови на вашата земја не треба да ја подражаваат оваа кусогледа политика.
Во однос на решавањето, ќе потсетам дека Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ООН и континуирано се залага за постигнување заемно прифатлив договор за името меѓу Скопје и Атина без надворешен притисок, договор што би водел сметка за интересите на двете земји и би се базирал врз широк општествен консензус и беспрекорна правна основа. Само врз таква основа може да биде обезбедено стабилно и долгорочно решение на билатералниот спор, како и да биде зацврстена регионалната стабилност. Токму затоа не ја криеме својата загриженост поради обидите за наметнување вештачки рокови и услови за решавање на овој комплициран, стар и многу сензитивен за двете страни проблем. Според многу експерти, Преспанската спогодба е изработена во услови на неоправдано брзање или „цугцванг“, има сериозни правни недостатоци и, очигледно, не им одговара на спомнатите критериуми. Токму тоа се причините на новиот бран на несогласувања и проблеми од двете страни на границата, и тоа не е вина на Русија. За нас, и Македонија и Грција се одамнешни и важни партнери на Балканот и ние, секако, сме заинтересирани за нивниот успешен развој и просперитет. Сметаме дека рационална политика е ефикасно да се решаваат постојните проблеми, а не да се трупаат нови и нови.

Каков е ставот на Русија за претстојниот референдум на 30 септември?
Референдумот е најдемократска и, веројатно, единствено можна форма на изразување на волјата на граѓани кога станува збор за толку сензитивни прашања какво што е промена на името на една земја и на идентитетот на нејзиното население. Меѓутоа, важно е да се биде свесен дека плебисцитот ќе има неопходна морална и правна сила само доколку се организира и се одржува во строга согласност со законот. Сите граѓани на Република Македонија мора да имаат можност отворено и слободно да го изразуваат својот став, доброволно да одлучуваат дали ќе учествуваат или нема да учествуваат на референдумот. Неопходно е да се создаде една здрава и конструктивна атмосфера за широка јавна дебата околу суштината на прашањата што се ставени на гласање. Според меѓународното право, одржувањето на плебисцитот е исклучително внатрешна работа на секоја земја, и надворешни играчи немаат право да се мешаат во процесот, да влијаат врз неговите резултати, како и да го финансираат организирањето на соодветните информативни кампањи.
За жал, реалноста е поинаква. Тоталитарниот во неговата суштина принцип на политичка целисходност сѐ повеќе доминира над владеењето на правото. Македонската јавност е под многу силен медиумски и психолошки притисок од страна на Западот, на медиумите и невладини организации што тој ги финансира. Граѓаните на Македонија ги заплашуваат дека доколку не гласаат „за“, ниту тие ниту нивната земја наводно нема да имаат иднина, бидејќи единствена шанса за преживување на Македонија задолжително мора да биде нејзино итно и по секоја цена зачленување во НАТО и во ЕУ. Кршејќи ги сите правни и морални норми во оваа кампања на „перење мозоци“, активно учествуваат и моите западни колеги од дипломатскиот кор, многубројни високи гости од западните престолнини. Уцената се врши и со пумпање на заканата од заострување на меѓуетничките односи, што паметејќи ги крвавиот судир во 2001 година и појавувањето на т.н. „тиранска платформа“ е многу опасно. Таквите ексцеси, секако, ја зголемуваат тензичноста во општеството, провоцираат поделба на истото тоа. Загрижени сме и поради тоа што, според правни експерти, Преспанскиот договор бил потпишан, а потоа и ратификуван спротивно на Уставот и на важечките закони. Од аспект на правото, не е беспрекорна и формулација на прашањето што се предлага за гласање на референдумот, која очигледно им е спротивна на нормите на внатрешното право, Уставот на земјата, препораките на Советот на Европа, одлуките на европските судови по слични случаи. Спојувањето на трите прашања (Преспанска спогодба, членство во ЕУ и членство во НАТО) во едно претставува отворена манипулација и, според точен израз на еден познат хуморист, не личи на плебисцит, туку на обид да се наметне едно решение во дополнение кон другото. Со други зборови, станува збор за типична американска пакетна понуда – доколку купувате „биг мек“, повелете да купите и чаша „пепси-кола“, посебно не се продаваат ниту едното ниту другото. Меѓутоа, мислам дека граѓаните на вашата земја во моментот не се многу расположени за шеги, бидејќи ги принудуваат да не се откажат само од своето име, туку и од својот идентитет, кој претставува темел на опстојување на секој, вклучувајќи го и македонскиот, народ.

Влегување на Македонија во НАТО е стратегиска определба на Р. Македонија. Кога ќе се случи тоа, како ќе се одрази врз руско-македонските односи? Може ли тоа негативно да влијае врз политичките, трговско-економските, културните и хуманитарните врски меѓу нашите земји?
Проширувањето на НАТО го сметаме за штетно за безбедноста во Европа. Истовремено интеграцијата на вашата земја во НАТО, исто како и во други меѓудржавни сојузи, претставува суверено право на Република Македонија и нејзините граѓани и никој, освен народот на вашата земја, нема право да одлучува во кои меѓународни структури да влегува и со кои држави да има пријателски односи. Русија само ја повикува македонската страна објективно да ги процени аргументите „за“ и „против“ зачленувањето во оваа воена алијанса, која е виновна за повеќе агресии и уривања на суверени држави. Да се потсетиме на варварското бомбардирање на Србија и присилното отцепување на Косово од нејзината територија, уништувањето на Ирак, Либија, трагедиите на Сирија и Јемен, смртта на стотици илјади цивили, милионските миграциски бранови. Се разбира, официјално зачленување на Македонија во овој воено-политички сојуз, кој исто така отворено ја прогласува Русија за свој главен противник, сигурно ќе влијае врз климата на нашите билатерални односи. На подрачјето на Македонија неизбежно ќе се појават воени објекти на НАТО што се надвор од јурисдикција на вашата влада, и тоа е факт што ние мора да го имаме предвид при планирањето одбрана на Русија од евентуални агресивни акции на Алијансата. И доколку НАТО, не дај боже, утре ја нападне Русија, кој ќе гарантира дека македонските војници нема да ги натераат да учествуваат во таа авантура? Јасно е дека членството на Македонија во НАТО нема да придонесе за зголемување на руските инвестиции – бизнисот априори избегнува да вложува пари во земјите каде што тој нема да си чувствува безбедно и каде што против тој бизнис може да бидат воведени политички мотивирани санкции.
Перспективата на влошување на климата во односите со Русија не е единствен ризик поврзан со влегувањето во НАТО. Зачленувањето во оваа организација скапо ќе ја чини вашата земја. Тука се оптоварување на буџетот, поради барањето до 2022 година воените трошоци да се зголемат до 4 проценти од БДП, и вовлекување под изговор на „евроатлантската солидарност“ во сомнителни воени авантури низ светот, и ограничување на суверенитетот над сопствената територија, и откажување од националниот идентитет што произлегува од договорите со Грција и со Бугарија. Треба да се нагласи дека, спротивно на ветувањата што сега толку дарежливо ги даваат, членството во Алијансата нема да донесе никаква реална внатрешна и надворешна стабилност и безбедност, зголемување на инвестициите и подобрување на животниот стандард. Во овој контекст, корисно е да се истражи тажното искуство, на пример, на Бугарија, Романија, Литванија и на низа други земји што веќе подолго време се во НАТО. Каде се ветените просперитет, зголемување на бројот на работни места, подобрување на образованието и на здравството? Каде се триумфот на демократијата и победата над корупцијата? Засега гледаме само уназадување на традиционалните гранки на економијата и масовно иселување од овие земји. Н.М.


Грижете се и за својата прекрасна татковина

Годините што ги поминавте во нашата земја – тоа е сериозна фаза не само во кариерата туку и во животот. Какви впечатоци имате вие и вашето семејство од Македонија? Што би сакале да им посакате на граѓаните на нашата земја и дали би сакале да се вратите овде некогаш повторно?
Од морален аспект, лесно се работеше во Република Македонија. И јас и мојата сопруга сме исполнети со искрена симпатија кон вашата земја и вложивме дел од својата душа во зацврстувањето на односите меѓу нашите два братски народа. Убедени сме дека тоа не беше сизифовска работа.
Секогаш ќе чуваме најтопли спомени за Македонија и нејзиното главно богатство – прекрасни и отворени луѓе, кои, секако, ќе ни недостигаат, како и пријателството што го цениме. Нашите желби се многу едноставни – мир, среќа, здравје, заемна љубов и благосостојба. Грижете се и за својата прекрасна татковина, чии чест и достоинство, традиции и култура ви се завештани вам, нејзините деца и граѓани, да ги чувате и негувате. Дај боже, можеби, уште повеќепати да се вратиме на македонската земја, која е толку блиска до руското срце.