Новата надворешно-политичка стратегија на ЕУ кон Русија ќе се заснова на три принципи: одбивање, воздржаност и соработка, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел.

– Ние истовремено мора да одбиеме, да се воздржиме и да соработуваме – рече Борел за време на говорот во аналитичкиот центар на германскиот Маршалов фонд во Брисел.

Борел ја подготви таа стратегија за самитот на ЕУ во Брисел, што ќе се одржи од 24-25 јуни, а детално ќе биде претставена денеска на прес-конференција во Брисел, пред почетокот на руско-американскиот самит во Женева.

За време на своето обраќање, тој не спомена дека пристапот што го предложи е практично копија на „двојниот пристап“ кон Русија што НАТО го применува од 2014 година, а се состои од истовремена воздржаност и дијалог, пренесуваат руските агенции.

– Ние мора да ги отфрлиме обидите на Русија да се меша во нашите демократски процеси, да го ограничиме нејзиното влијание и дезинформации, истовремено продолжувајќи го дијалогот на теми од заеднички интерес. Примерите вклучуваат иранска нуклеарна програма, блискоисточен проблем и енергетска безбедност – објасни Борел.

Заменик-шефот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, вчера во Брисел изјави дека ЕК разговарала за предлозите на Борел. Откако тој ќе ги претстави пред пошироката јавност, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе ги разгледаат на 21 јуни и тие конечно треба да бидат одобрени од самитот на ЕУ на 24-25 јуни.


Захарова: Авторите на стратегијата имаат проблем со чувството за реалност

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод надворешно-политичката стратегија на Европската унија за Русија изјави дека нејзините автори имаат проблеми со познавањето на историјата и разбирањето на реалноста.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, претходно изјави дека стратагијата ќе биде усвоена по три принципи – одбивање, зауздување и соработка со Москва, пренесува ТАСС.

– Можете ли да замислите личност која ви нуди односи засновани врз принципите на одбивање, зауздување и соработка? Можете ли? Тоа е Борел – напиша Захарова на својот канал на Телеграм.

Според неа, авторите на стратегијата очигледно имаат проблем со познавањето на историјата и чувството за реалност.