Светските медиуми информираат дека одредени индустриски гранки напредуваат во развојот на новите горива, кои се трипати помоќни од традиционалните фосилни енергенти. Компанијата „Ам-повер-корп“ на Гери Бенер, поранешен инженер на НАСА, изминативе месеци успеала да изработи мотори чии главни придвижувачи се водород и амонијак
Технолошки скок во развојот на индустријата на енергенти
Денес е веќе сосема јасно дека мора да се најде алтернатива за фосилните горива, и за тоа нема дилема. Производителите на автомобили, бродови и авиони, но и не само тие, работат напорно за да најдат соодветни одговори. Сепак, повеќето идеи се потпираат на целосна елиминација на фосилните горива и моторите со внатрешно согорување. Токму во тој контекст периодов Министерството за енергетика на САД поддржува континуирани истражувања за гориво што ќе има трипати поголема енергетска ефикасност од фосилните горива и ќе биде базирано врз водородна енергија. Имено, една мала малку позната американска компанија „Ам-повер-корп“, со која раководи поранешен инженер на НАСА, Гери Бенер, се чини дека е илјадници милји пред конкуренцијата. Според пишувањата на медиумите во САД, оваа компанија во моментов развива технологија за автомобилската и бродската индустријата со која на најбезбеден и технолошки напреден начин прави во иднина како извор на енергија да се користи водородот наместо фосилните горива.
Како што објави реномираниот интернет-портал „Оил прајс“, заложбите на американската влада се преку финансирање технологии се развијат доволно добри мотори и горива што ќе му служат на светскиот транспорт, а притоа до 2050 година да се постигне стадиумот од нето нула емисии во воздухот, за кој се залага и самата држава.
– При воведувањето на горивата на иднината, пред сѐ на водородот, скапиот процес за негово производство и недоволно развиената технологија може оваа улога да му се додели на амонијакот. Исто како и водородот, амонијакот може да игра клучна улога во процесот на декарбонизација на светската тешка индустрија и транспорт – пишуваа порталот „Оил прајс“.
Амонијакот клучен играч за декарбонизација на индустријата
Според американскиот медиум, токму развојот на оваа технологија е примат на американската компанија „Ам-повер-корп“, но и на американските власти.
– Нашата компанија има цел да биде пионер за производство на еколошки зелен амонијак. Компанијата работи на развој на иновативни начини за револуција во целиот процес на производство на амонијак, користејќи комерцијални технологии што потенцијално може да се оддалечат од традиционалниот процес – истакна Гери Бенер, инженер за производство во „Ам-повер-корп“.
Според него, амонијакот, слично како и водородот, може да игра клучна улога во процесот на декарбонизација на светската тешка индустрија и транспорт.
– Неспорно е дека амонијакот согорува без испуштање јаглерод диоксид и е нашироко произведувано хемиско соединение, кое се состои од азот и водород. Користен како гориво, амонијакот може да овозможи циркуларна економија, односно лесно да се складира, испорачува, користи и повторно да се конвертира во неговите составни делови, а тоа се азотот и водородот – објаснува Бенер.
И владите размислуваат за
инвестиции
Во меѓувреме, во контекст на пишувањата, неодамна и британската влада соопшти дека заедно со приватни инвеститори и комерцијални партнери ја поддржува идејата за развој на комерцијални мотори со водороден погон и во авиоиндустријата. Во оваа амбиција не изостанува ниту копнена Европа. Грација Виталдини, технолошката директорка на авиокомпанијата „Ербас“, вели дека водородот е „еден од најветувачките технолошки вектори што ќе овозможат мобилноста да продолжи да ги исполнува основните човекови потреби за движење во подобра хармонија со животната средина“. Лани во септември, „Ербас“ соопшти дека погонските системи со водородно гориво ќе бидат во центарот на новата генерација комерцијални авиони без штетни емисии. Проектот е дел од стимулативниот пакет вреден милијарди евра за зазеленување на европската економија. Ваквиот развој на состојбите поттикна повеќе европски влади изминатиов период да вложуваат илјадници долари во технолошките иновации на компаниите да се дојде до алтернативни решенија за замена на класичните извори на енергија, особено кога е актуелна борбата против климатските промени.
Недостатоци на технологијата
Сепак, од друга страна, експертите во оваа индустрија сметаат дека првичните недостатоци за комерцијална употреба на оваа технологија и гориво се во физиката и хемијата. Имено, според експертите, водородот има повисока енергија по маса од авионското гориво, но помала енергија по волумен. Па, така, гасот мора да биде компресиран или да се претвори во течност со ладење на екстремно ниски температури и да се чува во доволни количества. Друг предизвик е и енергетската густина на течниот водород, која е само една четвртина од обичното гориво. Ова, според експертите, значи дека за истото количество енергија, за водород или амонијак ќе треба четирипати поголем резервоар. Така, авионите, бродовите или автомобилите на водород и амонијак во иднина ќе треба да имаат помалку патнички седишта или да бидат значително поголеми за да заживее оваа технологија.