Досегашниот технички премиер на Словенија Миро Церар ја напушта таа функција и во иднина ќе биде министер за надворешни работи во новата владејачка коалиција, предводена од Марјан Шарец.
– Од премиерската функција заминувам многу смирено, бидејќи за време на нашиот мандат успеавме Словенија да ја извлечеме од криза и да го подигнеме нивото на политичка култура, изјави денеска Церар.
– Од досегашната позиција не заминивам со нималку горчина и сфаќам дека изборниот резултат е таков што на тоа место мора да дојде некој друг, изјави Церар, потврдувајќи дека во новата Влада за неговата Партија на модерен центар ќе има четвртина од министерските места.
По изборите одржани на 3 јуни, Партијата на Церар, заедно со уште две партии од неговата поранешна коалиција, се придружија на новата петпартиска владејачка коалиција на Шарец.
Дефинитивната распределба на министерските места ќе биде позната следната недела, а засега се договорени позициите на шефовите на партиите од владината коалиција. Досегашниот министер за надворешни работи Карл Ерјавец ќе го предводи Министерството за одбрана, а досегашниот министер за земјоделство Дејан Жидан, станува претседател на Парламентот. Поранешната премиерка Аленка Братушек ќе биде министерка за инфраструктура, а нејзината партија ќе добие уште неколку важни места на пониски нивоа.
Церар оцени дека ситуацијата во новата Влада, која формално ќе биде малцинска, налага многу договарања и конструктивен став на партиите кои се дел од неа. Тој исто така најави дека од позиција шеф на дипломатијата, најмногу труд ќе вложи во времето кога во 2021 година Словенија по вторпат ќе претседава со Европската унија.