Астон Мартин повторно ќе произведе 28 нови реплики на еден од најпознатите автомобили во историјата, Астон Мартин ДБ5, кој во филмот „Голдфингер“ од 1964 година го возеше Шон Конери.
Легендарниот автомобил ќе биде опремен со речиси сите додатоци кои на располагање ги имаше тогашниот Џејмс Бонд.
Ќе има регистерски таблички што се преклопуваат, задното стакло ќе биде отпорно на куршуми, а автомобилот ќе има и вградено оружје за дупчење на гумите, но од него нема да може да се пука. Сите 28 примерока ќе бидат изработени во сребрена боја бидејќи таков беше и оригиналниот примерок.
Станува збор за заеднички проект на Астон Мартин и компанијата ЕОН Продакшн, која се занимава со снимање филмови за Џејмс Бонд. За сė да биде автентично, 28-те нови автомобили ќе бидат произведени во фабриката каде што некогаш се произведуваше ДБ5.
Од 28 произведени автомобили, еден ќе биде продаден на јавна аукција од која приходите ќе одат за хуманитарни цели, по еден одат во фабриката и ЕОН Продакшн, додека 25 се наменети за слободна продажба.
Почетната цена ќе биде 2,75 милиони фунти, плус данок, па се очекува крајната цена да изнесува околу 3,3 милиони фунти. Првите испораки се очекуваат во 2020 година.
Сопствениците на овие автомобили нема да можат да ги возат по јавните сообраќајници.