Легалистите реагираат и велат дека е потребна правна рамка што ќе го регулира правниот вакуум, кој, пак, се заканува со кршење на законите и прописите од оваа сфера и со ширење валкани пропаганди пред претстојниот референдум. Според нив, потребно е да се пропишат јасни услови за водење кампања, како ќе се пријави таа, кој ќе ја води, како да се пријават изворите на финансирање пред и по завршувањето на јавната пропаганда, како и многу други важни прашања
Сѐ уште не е јасно колку пари ќе се издвојат за референдумот и кој (смее) да ја води претстојната кампања. Наедно не е јасна ни процедурата на алоцирање на буџетските средства што би биле предвидени за кампањата, како и законски установениот редослед на дејства при евентуален ребаланс на буџетот за оваа намена.
Иако официјално за денеска е закажана владина седница на која ќе се расправа токму за ова прашање, голема е веројатноста буџетските пари да бидат пренасочени кон Собранието, кое би ја водело кампањата.
Иако во согласност со Законот за референдум, овластениот предлагач, во случајов Собранието, е тој што треба да ја спроведува кампањата на свој трошок и да достави финансиски извештај до ДИК за потрошените пари, состојбата кај нас не е точно дефинирана во препораките на Венецијанската комисија, па, оттаму, значи дека на секоја од парламентарните партии ѝ следуваат пари доколку сака да води кампања.
Многу отворени прашања остави Државната изборна комисија (ДИК) откако соопшти дека секој ќе може да води пропаганда за претстојниот референдум – партиите, Владата, здруженија на граѓани, поединци.
Легалистите реагираат и велат дека е потребна правна рамка што ќе го регулира правниот вакуум, кој, пак, се заканува со кршење на законите и прописите од оваа сфера и со ширење валкани пропаганди пред претстојниот референдум. Според нив, потребно е да се пропишат јасни услови за водење кампања, како ќе се пријави таа, кој ќе ја води, како да се пријават изворите на финансирање пред и по завршувањето на јавната пропаганда, како и многу други важни прашања.
Правејќи паралела со тогашното финансирање на референдумот за територијална организација во 2004 година, поранешниот член на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими вели дека не е убеден точно со какви пари тогаш се финансирало одржувањето на референдумот. Ибраими вели дека треба да им се даде еднакво право на сите политички чинители во Собранието, без оглед на која политичка провениенција припаѓаат и каков став имаат за претстојниот референдум да добијат свој финансиски надомест од законодавниот дом за кампањата.
– Има доста нејаснотии за тоа како и кому треба да му се дадат државни пари за водење на претстојната кампања околу референдумот за договорот со Грција. Логично е доколку имаш два табора или повеќе, сите тие да добијат финансиски колач од Собранието како предлагач на референдумот, доколку се политички партии и се застапени во законодавниот дом. Сепак, судејќи по политичката култура и состојба во која е државава, овде секој прави што сака и ги толкува законите во своја полза. Не е правилно единствено да се финансира кампањата во име на позицијата, а да биде изоставена опозицијата или третите што се противат на одржувањето на референдумот. Како и да е, секој политички чинител во Собранието треба да добие финансиски надомест за водење на претстојната кампања за референдумот, иако пак ќе подвлечам јас лично сум „за“ и се залагам за успешно спроведување на референдумот – заклучува Ибраими.
Од друга страна, универзитетскиот професор Димитар Апасиев вели дека Владата нема право да ја финансира референдумската кампања, бидејќи не е овластен предлагач, но сепак го најави почетокот на кампањата за референдумот, и тоа со државни пари. На таков начин таа ги крши Законот за референдум, пржинскиот договор и препораките на Венецијанската комисија. Дополнителен проблем, според Апасиев, е и неопходноста од обезбедување еднакви услови и достапност до јавните медиуми за сите оние што сакаат да се изјаснат во врска со референдумот, а што е регулирано и во членот два на кодексот на Венецијанската комисија.
– Во истиот член се регулира и забраната за јавно финансирање, односно се предвидува само партиско финансирање на кампањата. Тоа значи, доколку СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или Левица сметаат дека треба да водат кампања, тогаш треба самите да ја финансираат, но никако не смее да се допираат буџетските пари – вели Апасиев.
На забелешката дека Владата ја убедува јавноста дека нејзината кампања е само информативна, Апасиев е дециден.
– Тоа е злоупотреба на правото. Владата не смее да води кампања со државни пари, и точка. Можат партиите, но Собранието или Владата не, бидејќи тие немаат други пари освен државните. Секое финансирање на таква кампања, макар и да се нарекува информативна, е пречекорување на добрите референдумски практики застапени во Советот на Европа – објаснува Апасиев.
Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања – Скопје, финансирањето на јавната пропаганда нема да смени многу кај групата поддржувачи на договорот што би гласале „за“, „против“ или оние што би бојкотирале. Тој вели дека се работи за лични интереси или партиски, а националните, за жал, ќе бидат потиснати од финансиските понуди или добитоци.
– Повеќе од јасно е дека секој што излезе во јавноста деновиве и го соопшти својот став за претстојниот референдум има свои интереси, некаква корист или заднина од некоја партија. За жал, патриотизмот и напредокот на земјава кон НАТО и ЕУ се тргаат настрана во оној момент кога станува збор за финансии. Сите знаеме во каква каша е земјава, а проблемот кој ќе ја финансира и како политичката кампања за референдумот за брзо време ќе се заборави – вели Божиновски.