Претстојната сезона повторно ќе биде диктирана од пандемијата, прогнозираат упатените, потенцирајќи дека сега и инволвираните и граѓаните се помудри, поради што очекуваат пораст на бројките и во однос на посетите на странските туристи и на остварените ноќевања
И ПОКРАЈ АМБИЦИОЗНИТЕ ПЛАНОВИ НА НАДЛЕЖНИТЕ
Враќање на домашните и привлекување странски туристи преку повеќе различни мерки што ќе ја гарантираат безбедноста во услови на пандемијата од коронавирусот планираат надлежните во туристичкиот сектор. Ваучерите за туризам повторно ќе им се делат на граѓаните, иако во многу помал број, но со повисока сума, а се планираат и посебна маркичка за сигурно патување и тестови за посетителите.
– Пандемијата ги измести туристичките текови во 2020 година, но отвори нови хоризонти на размислувања и борба заедно со туристичкиот сектор преку координативното тело со неколку сета мерки за амортизирање на негативниот ефект и за зачувување на работните места. Големо негативно влијание имаше во градските средини, пред сѐ во Скопје и во Охрид, како најистакнати дестинации поврзани со голем број авиолинии и кружни патувања на странски туристи. Промената на интересите кај туристите е очигледна и насочена кон патување во мали групи, посета на мали сместувачки капацитети и практикување еко и рурален туризам, зачинето со гастрономија и локални производи. Пандемијата ги стави на тест одржливоста на дестинациите и нивната флексибилност во создавање нови атракции и туристички производи според барањата на посетителите. Затоа националните паркови и дестинациите што изобилуваат со природа имаа многу мал или не забележаа пад во остварените ноќевања во 2020 година. Пресуден фактор за посета на одредена дестинација е нејзината сигурност, односно почитување протоколи во секој аспект од туристичката услуга, мерки за заштита и гаранции дека туристите можат безбедно да престојуваат – вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
Тој објасни дека еден показател за сигурноста на туристичките локации е маркичката за сигурно патување, која Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Министерството за економија и туристичко-угостителскиот сектор, со помош од швајцарската амбасада, ја воведуваат во Македонија. Јаневски најави и дека маркичка набрзо ќе може да се види во голем број хотели, ресторани, музеи, туристички агенции, аеродроми, што ќе значи оти и во нашите дестинации се применуваат истите протоколи за заштита како и во над сто други дестинации низ светот.
– Поради подобрувањето на состојбата со пандемијата започната е медиумска кампања во повеќе регионални земји и традиционални пазари, а со создавањето зелени зони за патување се очекува подобра сезона од 2020-та. Промоцијата е насочена во регионот од каде што, според истражувањата на АППТ, биле дури 49 отсто од вкупниот број странски туристи во 2019 година. Солиден број посетители имало и од Полска и во Турција и токму од овие рецептивни пазари се очекува поголем број на туристи. Најавени се рестартирања на авиолинии и посети од туроператори на мали групи во летниот период. Поради вакцинацијата, која е во тек, но и подобрената состојба со пандемијата, очекувам зголемување на туристите од странство, а домашните очекувам да бидат доминантни во нашите туристички центри – дополни Јаневски.
Професорот Науме Мариноски од Факултетот за угостителство и туризам од Охрид укажува дека мерките што се преземаат за поддршка на туризмот се добредојдени, но пред сѐ насочени кон амортизирање на проблемите наметнати од пандемијата.
– Се применуваат мерки што се сега популарни и се применуваат во повеќе држави и кои се пред сѐ во функција на одржливост на капацитетите. Мерките не се формираат во согласност со пазарните услови, но поради состојбата со пандемијата, истите тие се добредојдени и во извесна мера барем ќе ги амортизираат проблемите во областа на туризмот и угостителството, за да може во наредниот период, со спас и опстанокот на фирмите, да се направи нов циклус на обнова на секторот во деловна смисла. Значи, овие мерки во секој поглед се добредојдени. Во поглед на безбедноста, уште одамна посочивме дека тоа е најбитен аспект. На гостите што ќе дојдат во сместувачките објекти мора да им се гарантира безбедноста, и тоа да се однесува и на здравствениот аспект, но и воопшто, секаков тип безбедност. На овој начин туризмот се разликува од авантуризмот – укажува Мариноски.
Професорот појаснува дека ваучерите како мерка повеќе имаат социјална компонента, поради што смета дека за заживување на домашниот туризам, кој се покажа како клучен сегмент во пандемијата, потребно е поттикнување на сите сегменти од туристичката понуда и побарувачка.
– Не е доволно граѓани што досега не биле во хотел да ги поттикнуваме на посета на хотелски комплекси, бидејќи туризмот е и навика. Навиките се многу важни кај туризмот и создаваат туристичка култура што овозможува перманентно вклучување во туристичката активност. Со вклучувањето граѓани што спаѓаат во категоријата социјални случаеви ќе се подобри работата кај угостителството и кај туристичко-агенциското работење, но ако тоа се прошири и на другите сегменти, може да има уште повеќе придобивки за севкупниот сектор. Треба да се креираат мерки за туристите да не се одлеваат во странство, со што за понудувачите ќе имаат поголема бенефиција – укажува Мариноски.
Директорот на АППТ вели дека е потребно менување на концептот во туризмот и следење на регионалните и европските практики во постковид-закрепнувањето, кое треба да се базира на екотуризмот и одржливоста на дестинациите.
Директорот исто така посочи дека, според него, претстојната сезона повторно ќе биде диктирана од пандемијата, но смета дека сега инволвираните и граѓаните се помудри и очекува скок на странските туристи и остварените ноќевања за 30 проценти, додека домашните гости да останат на ниво од 2020 година, односно да се надмине бројката од два милиони ноќевања и во туризмот да се оствари приход од 300 милиони долари.