Посвоителите најчесто бараат да посвојат дете на помала возраст, со поволни развојни потенцијали. Полот на детето не им е битен, но на поголем број посвоители им е важна националноста на детето, информираат од Министерството за труд и социјална политика

Поделбите и предрасудите по национална основа се навлезени речиси во секоја пора на општеството, па дури и при посвојувањето деца. На граѓаните што сакаат да посвојат дете најважна им е националноста на потенцијалниот наследник.
Според податоците од Министерството за труд и социјална политика, како фактори клучни за посвојување, освен националноста, се и здравствената состојба, полот и возраста на детето.

– При упис во регистарот на можни посвоители, посвоителите даваат изјава какво дете сакаат да посвојат во поглед на националноста, здравствената состојба, полот и возраста на детето. Посвоителите најчесто бараат да посвојат дете на помала возраст, со поволни развојни потенцијали. Полот на детето не им е битен, но на поголем број посвоители им е важна националноста на детето – информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Во моментот, во регистарот на можни посвоители се запишани 276 посвоители, кои чекаат за посвојување дете.

– На годишно ниво се посвојуваат околу 40 деца. Како посвоител, во согласност со Законот за семејство, може да биде лице што е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Посвоителот мора да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. По исклучок, како посвоител може да се јави и лице што е постаро од 45 години, но старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница – објаснува Жаклина Величковска, раководителка на одделението за односи со јавност при Министерството.

Според психолозите, националноста како услов за посвојување е резултат на предрасуди.

– Најчесто се работи за предрасуди, меѓутоа има и причини што може да се разберат. На пример тоа дека посвоителите обично сакаат детето да не се разликува многу од изгледот на другите деца од нивната средина (националност), затоа што тоа би можело да биде премногу воочливо, луѓето да забележуваат дека посвоеното дете многу се разликува од нив и другите деца со кои ќе се дружи. Ова потенцијално би можело да биде неприфатливо во поконзервативни средини и да бидат вознемирувани со прашања или други реакции – смета психологот Лидија Зорба.

Според неа, во Македонија е доволно да се види дека бројот на мешани бракови по однос на националност е многу мал, па луѓето дури ни во брак не стапуваат со партнери од друга националност.

– Во Македонија, за разлика од многу други земји во светот, сѐ уште има многу малку странци што живеат и работат овде и луѓето не се навикнати на таков диверзитет како што има во земјите каде што има многу имигранти – смета таа.

Зорба додава дека интересен е феноменот дека Македонците што емигрираат во странство исто така ретко стапуваат во брак со луѓе од други националности и вери и претпочитаат да изберат партнер што по потекло е од Македонија за да создадат семејство.

Граѓаните се со поделени мислења. За некои е неприфатливо да постојат какви било предрасуди кога се посвојува дете.

– Чекаме ред за да посвоиме дете. Немаме никакви услови, само нека е живо и здраво. Биолошки не можеме да станеме родители, но тука е посвојувањето, кое може да ни помогне да се реализираме на тоа поле. Не ме интересира од која националност е детето. Тие се како тесто, како ќе го обликуваш, така ќе се испече – вели брачна двојка од Скопје што се наоѓа на листата потенцијални посвоители.

Но не го делат сите тоа мислење. Жена на околу 40-годишна возраст, која исто така со својот сопруг се одлучила да посвои дете, вели дека клучна е националноста, затоа што таа, според неа, е во крвта на човекот.

– Кога би посвојувала, никогаш не би посвоила дете од друга националност. Во прашање е генетика. Ние Македонците имаме склоност и сме препознатливи по едно, Ромите по друго, Албанците по трето. Не би сакала да посвојам и моето дете да се разликува во тој поглед од мене. Токму затоа и постои можност при запишување во регистарот да се даде изјава за тоа какво дете сакаме – објаснува потенцијалната посвоителка.


И странци посвојуваат деца во Македонија

Во изминатите три години, односно од 2015-та, има неколку случаи кога странци посвоиле дете.
– Во 2017 година се посвоени две деца од страна на странски посвоители што живеат во странство, а едно дете е посвоено од страна на странски посвоители што живеат во Република Македонија. Во 2016 година две деца се посвоени од страна на странски посвоители што живеат во странство, а две деца се посвоени од страна на странски посвоители што живеат во Република Македонија. Во 2015 година едно дете е посвоено од страна на посвоители што живеат во странство, но едниот од брачните другари е македонски државјанин – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Во согласност со Законот за семејството, посвоител по правило може да биде државјанин на Република Македонија, а по исклучок како посвоител може да се јави и лице што е странски државјанин.
– Посвојувањето од странски државјанин може да се заснова само со согласност на Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика, а согласноста ќе се издаде само ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија – велат од Министерството.


Вкупно 104 деца чекаат посвојување

21 дете со поволни развојни потенцијали
23 деца со лесно отстапување во психомоторниот развој
26 деца со средно отстапување во психомоторниот развој
34 деца со тешка психомоторна попреченост