Русија забрани влез на осуммина функционери од земјите на ЕУ, вклучително и членови на Европскиот парламент и на Европската комисија.
– Русија забрани влез за осуммина претставници на ЕУ, вклучувајќи ги претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова – соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
– Европската унија ја продолжува својата политика на еднострани нелегитимни рестриктивни мерки, насочени кон руски граѓани и организации – се вели во соопштението на Министерството.
Главниот државен обвинител во Берлин, Јорг Раупах, е исто така меѓу оние на кои им е забранет влез во Русија.
ЕУ во март воведе санкции за двајца Руси обвинети за прогон на хомосексуалци во Чеченија. Минатиот месец воведе санкции за четворица високи руски функционери блиски до претседателот Владимир Путин.