Бројни љубители на фудбалот ширум светот му го честитаат на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев јубилејот од 100 постигнати голови во италијанската Серија А, истакнувајќи ги неговата долговечност и квалитет.
Пандев синоќа двапати ја затресе мрежата на Беневенто (2-2) пред да биде заменет во 71-та минута, со што стигна до 100 погодоци на 468 меча во Серија А, во кои има и 55 асистенции, настапувајќи за Анкона, Лацио, Интер, Наполи и за Џенова. Пандев на тој начин стана првиот Македонец кој постигна барем 100 погодоци во едно од петте најсилни европски национални првенства (Италија, Англија, Шпанија, Германија и Франција).
Искусниот напаѓач постигна 48 гола за Лацио, пет за Интер, 19 за Наполи, еден за Анкона (негов прв гол во Италија постигнат на 7 декември 2003 година) и 27 за Џенова. Згора, Пандев постигна само еден од головите од пенал. Токму затоа, тој е тема на денот во спортската јавност во Италија, но и пошироко.
„37 години и уште настапува силно. Тој е вечен“. „Голем шампион. Никогаш нема да биде заборавен“. „Горан Пандев уште дава голови на оваа возраст. Легенда“, гласат дел од коментарите на Твитер.
По мечот, Пандев истакна дека не верувал оти ќе постигне толку голови во кариерата, бидејќи не е класичен напаѓач.
– Навистина никогаш не верував дека ќе постигнам толку многу голови. Јас не сум прв напаѓач, не сум класичен шпиц. Среќен сум за мојот рекорд, уште повеќе што го остварувам со дресот на најстариот клуб во Италија. Опстанокот на клубот во Серија А во моментов најважна, потоа ќе зборувам со претседателот и директорот. Навистина се чувствувам добро, но моја идеја се уште е да се пензионирам по Европското првенство – изјави Падев за италијански „Скај спорт“.
Тренерот на водечкиот Интер, Антонио Конте, му порача на Пандев да не размислува за пензионирање бидејќи има уште многу да му пружи на фудбалот, додавајќи оти „нероаѕурите“ размислувале да го вратат македонскиот напаѓач во нивните редови.
Формата на Пандев може да ги радува и македонските навивачи во пресрет на настапот на Македонија на Европското првенство кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули.