Изложба во МСУ
„Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 1970-тите и 1980-тите години“ е насловот на изложбата што е отворена во горниот дел од Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ). Кураторка е Марика Бочварова Плавевска, а кустос-соработник, Благоја Варошанец.
– Идејата на ова проектно размислување, како дел од серијата проблемски изложби е да ги открие и зближи преодните предизвикувачки преобразби, делумно започнати во 60-тите години, акцентирани преку 70-тите години и на некој начин вклопени во 80-тите години од минатиот век. Продолжетокот на ваквите размислувања се битни и за 90-тите години на минатиот век, бидејќи самата промоција на промените ја актуализира возбудливата и транспарентна ликовна сцена кај нас – вели Бочварова. Овој мултимедијален проект е насочен кон барање на релациите меѓу двете децении, со паралели што ја допираат анахроноста на уметничките движења, особено на првата. Изложени се над 80 дела на 52 автори, дел во сопственост на МСУ, а дел се позајмени од Националната галерија на Македонија, од Музејот на град Скопје и од приватни колекции. На изложбата се застапени сите ликовни медиуми, а публиката има можност да види дела од: Родољуб Анастасов, Тодорче Атанасов, Томе Аџиевски, Виолета Блажеска, Богдан Грабулоски, Владимир Бороевиќ, Жанета Вангели, Васил Василев, Иво Велјанов, Кирил Гегоски, Јордан Грабул, Мирослав Грчев, Божидар Дамјановски, Евгенија Демниевска, Марин Димески, Александар Ивановски Карадаре, Ристо Калчевски, Милош Коџоман, Драгољуб Бежан, Марина Лешкова, Танас Луловски, Петар Мазев, Димитар Манев, Димитар Малиданов, Благоја Маневски, Дарко Марковиќ, Стефан Маневски, Петре Николоски, Станко Павлески, Боро Пејчинов, Душан Перчинков, Драган Петковиќ, Владо Плавевски, Лазо Плавевски, Ана Темкова, Анета Светиева, Глигор Стефанов и др. Поставката ќе биде отворена до септември годинава.