Истражувањето на „Евростат“ покажува дека Македонија со речиси 40 часа неделно е четврта земја во Европа со најмногу работни часови, а зад нас се Германија, Франција, Шпанија, Италија и други. Но клучното прашање е колку овие статистички измерени работни часови се вистински ефикасни, ефективни и продуктивни во Македонија. Економските експерти даваат интересни согледувања
ИСТРАЖУВАЊЕ НА централната ЕУ-институција за статистика
Просечното време на работа на Македонците лани било речиси 40 часа неделно и е четврта земја во Европа со најмногу работни часови, покажуваат податоците од европскиот завод за статистика „Евростат“. Додека, пак, просечната работна недела во Германија била 34,2 часа, во Франција 36,3 часа, во Италија 35,6 часа и во Шпанија 36,4 часа. И покрај тоа што работоспособното население на овие земји работи помалку од Македонија, сепак нашето население се наоѓа во последните земји во Европа со најниски просечни примања. И по редица други параметри Македонија е далеку зад европскиот стандард иако статистички работиме повеќе од Европејците. Но клучното прашање е колку овие 40 статистички измерени работни часови се вистински ефективни и продуктивни во Македонија. Секако, тука треба да се земат предвид и технологијата и примената на квалификациите на работникот.
Економските експерти се согласни дека продуктивноста на работниците во Македонија е на многу ниско ниво и дека само повисоката продуктивност на трудот заедно со урамнотежениот пазар на труд генерира повисоки плати.
– Тоа што македонската работна недела е точно 40 работни часа е производ на сѐ уште ригидниот Закон за работни односи, нефлексибилноста на пресметување на работните часови поминати на работа, недовербата на институциите во работодавците при пријавувањето на работното време и работните часови на вработените, слабото познавање на работничките права, вклучувајќи го и работното време од страна на работниците итн. – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Од друга страна, пак, додава тој, македонските компании воопшто не знаат како да ја мерат продуктивноста, ниту, пак, знаат системско управување на работните места.
– Дополнително слабо се усогласени барањата и советите на работниците со раководењето и оптимизираните работни задачи и процеси. Сепак, парадоксот е поголем, нашите работници се многу повеќе уморни на „хартија“ од германските, а сепак во реалноста платата e пет пати помала – истакнува Бошков.
Тој споменува дека треба да се создадат нови иновативни конкурентни производи, да се инвестира во нови технологии, кои ќе ја зголемат продуктивноста, за да влијае на зголемување на платите.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, платата е генерално одраз на понудата и побарувачката и од страната на понудата, платата зависи од продуктивноста на трудот, која е детерминирана од образовната и старосната структура на работниците, како и од серија т.н. невидливи карактеристики, како способноста, иницијативноста и слично.
– Пониска плата во Македонија во споредба со други земји, од оваа перспектива би значело дека нашите работници се помалку продуктивни од работниците во други земји. Гледано од страната на побарувачката, платата зависи од општата состојба на пазарот на трудот, односно ако има голем контингент невработени лица, тогаш платата нема брзо да расте, и обратно, нагорен притисок врз платите ќе се создаде кога нема да може лесно да се најде работник, особено добар работник – смета Петрески.
Тој вели дека тука значајно мора да се одвојат Словенија и Хрватска, кои според нивото на развој, кое имплицира и повисока продуктивност на трудот, се веќе значајно над Македонија и на нивните пазари на труд оперира (особено Словенија) т.н. природна стапка на невработеност, односно невработеност постои, но е ниска и доброволна.
– Значи, повисоката продуктивност на трудот таму, заедно со урамнотежениот пазар на труд, детерминира многу повисока просечна плата споредено со Македонија – нагласува Петрески.
Тој додава дека се потребни политики што обезбедуваат поголема продуктивност на работната сила, инвестиции во квалитетно образование и политики што обезбедуваат раст на фирмите, за тие да можат да генерираат работни места, на пример инвестиции во иновации.
– Секое покачување на платите што не е проследено со зголемена продуктивност, ефикасност и ефективност, најмалку до нивото на маргиналните трошоци, е неодржливо. А со тоа економијата ја прави помалку конкурентна и на крајот ќе генерира дополнителни нарушувања, како на микро така и на макрониво – објаснува професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети.
Според него, мора да се зголеми најпрво продуктивноста, а потоа да се размислува на зголемувањето на платите, а сето тоа можеби ќе создаде некој краткорочен и среднорочен ефект, ама економски ќе има само негативни последици.
Од Сојузот на стопански комори велат дека мора да има национална стратегија, која треба да има поставено цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонските производи, зголемување на бројот на компании што извезуваат.
– Откако ќе се постигне сето тоа, платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор. Тоа го покажуваат и анализите на меѓународните финансиски институции. Продуктивноста на трудот и трошоците за труд се битни фактори, затоа што во голема мера дејствуваат врз конкурентноста на една економија – појаснуваат од ССК.