Поаѓајќи од фактот дека во светот постојат примери на вински региони што се наоѓаат во две, па и повеќе земји, верувам дека ќе најдеме заеднички став за прашањето за името Македонија како вински регион. За жал, и тој наш заеднички „вински регион Македонија“ е мал и недоволно познат, па во светот и ние и Грција допрва треба да го градиме. Она што би било најдобро за сите држави во регионот е да смогнеме сили и да го искористиме потенцијалот за градење и развој на Балканот како вински регион. Преспанскиот договор, секако, влијае на потенцијалот на продажба на македонското вино и винарниците сметаат дека постојат многу нови перспективи. Најважно е да се најде решение за придавката „македонско“ вино, вели Елена Младеновска Јеленковиќ, директорка на здружението „Вина од Македонија“
Производството и пласманот на виното на поширокиот светски пазар, на своевиден начин претставува и престижна стопанска дејност на секоја земја. Особено кога виното е препознато на пазарот по својот квалитет. Во процесот на усогласувањето на трговските марки, според Преспанскиот договор, вклучена е и винската индустрија преку преставници од здружението „Вина од Македонија“, а директорката на здружението Елена Младеновска Јеленковиќ смета дека е најважно да се најде решение за придавката „македонско“ вино.
– Преспанскиот договор е ратификуван и двете земји ги обврзува да го исполнат. Секако, започнат е процесот на креирање на процесите за негово спроведување и една од главните точки за понатамошниот процес на преговарање е барањето решение за користење на називот на географското потекло. Со оглед на тоа што станува збор за приватна сопственост, а не државна, преговорите за оваа тема не треба да се водат на политичко ниво и од двете страни на преговорите е вклучена бизнис-заедницата, која е најмногу засегната по ова прашање. Во овој процес е вклучена и винската индустрија преку преставници од здружението „Вина од Македонија“, но помина многу време и пандемијата го одложи тој процес, па досега нема голем напредок на оваа тема. Секако не очекуваме да се дојде до едно единствено решение, бидејќи се работи за повеќе аспекти како: географски податоци на производи, трговски марки, заштитени марки и имиња на марки. Во целиот процес се обидуваме да ги надминеме идеолошките пречки на политиката и да се дојде до решение што ќе ги задоволи двете страни.
Сепак, досега многу пречки се отстранети и кога е во прашање виното. По Преспанскиот договор и промената на името на државата, во Северна Македонија сите производители на вина ги сменија нивните етикети. Секое шише што беше етикетирано по промената, го носи новото име на државата. Не може да дојде до забуна. Според договорите, двете земји може да ги користат називите „Македонија“ и „македонски“ сѐ додека земјата на потекло е јасно означена. Двете земји се дијаметрално различни и во делот на сорти што ги користат за производство на вино, особено автохтоните сорти со кои креираат препознатлива слика на интернационалните пазари, при што многу е тешко да дојде до забуна на потрошувачите. Дополнително секоја винарница е потребно да најде начин да биде уникатна, за да се постигне препознатливост на земјата и винските региони на странските пазари.
Заштитата на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино од нашава земја е во согласност со одредбите на Преспанскиот договор меѓу нашава земја и Грција. Меѓународното претставување на целата винска индустрија се одвива преку нашето здружение, кое дејствува како стопанска комора за производителите на вино во земјава. Сите членки заедно учествуваат со над 90 отсто од извозот на македонско вино. Токму поради тоа сме вклучени и во делот за преговорите на бизнис-ниво со другата страна. Како дел од активностите за промоција на македонското вино, редовно сме домаќини на странски новинари, учествуваме на меѓународни саеми, вински натпревари и различни вински настани преку кои ги промовираме нашите вина и градиме препознатливост на земјава како вински производител.
Досега сме имале реакции и преку здружението соодветно биле застапувани интересите на државава и на индустријата. Поаѓајќи од фактот дека во светот постојат примери на вински региони што се наоѓаат во две, па и повеќе земји, верувам дека ќе најдеме заеднички став за прашањето за името Македонија како вински регион. За жал, и тој наш заеднички „вински регион Македонија“ е мал и недоволно познат, па во светот и ние и Грција допрва треба да го градиме. Она што би било најдобро за сите држави во регионот е да смогнеме сили и да го искористиме потенцијалот за градење и развој на Балканот како вински регион. Преспанскиот договор, секако, влијае на потенцијалот на продажба на македонското вино и винарниците сметаат дека постојат многу нови перспективи. Најважно е да се најде решение за придавката „македонско“ вино – вели Елена Младеновска Јеленковиќ, директорка на здружението „Вина од Македонија“