Денеска се одбележеува Меѓународниот ден на Ромите – ден на славење на ромската култура и традиција како нераскинлив дел од нашето мултиетничко, мултикултурно, мултијазично и мултирелигиско општество.

Но, во исто време на овој ден се истакнува и одбележува континуираната борба против дискриминацијата, сегрегацијата и маргинализацијата со кои Ромите се соочуваат секојдневно во речиси сите оштествени сфери. Дополнително, ваквата ранливост на Ромите е зголемена во време на пандемијата, предизвикана од ковид-19, бидејќи голем дел од ромската етничка заедница се соочува со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита.

– Во ситуација кога дури 85,6 отсто од Ромките не го посетиле својот матичен гинеколог, само 3 проценти од граѓаните вклучени во активните мерки за вработување се Роми и додека припадниците на ромската етничка заедница се уште се најчесто жртви на расизам, дискриминација и сегрегација, не можеме да зборуваме за значаен напредок во превенција и заштита од дискриминација врз Ромите на системско ниво – велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Комисијата како национално тело за еднаквост тврди дека посветено ќе работи на елиминирање на сегрегацијата на децата Роми во образованието, отстранување на системската дискриминација во пристап до здравствени услуги и на превенција и заштита од дискриминација во пристапот до добра и услуги на Ромите.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги повикува и охрабрува сите граѓани од ромската етничка заедница кои сметаат дека биле дискриминирани да ги пријават случаите на дискриминацијата во Комисијата и да добијат соодветна правна заштита.


Денот на Ромите одбележан во Прилеп

По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, денеска на јарболот пред зградата на Општина Прилеп беше подигнато ромското знаме.

Потенцирајќи го значењето на граѓаните од ромската етничка заедница во градењето мултикултурни и мултиетничко општество, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека Општина Прилеп ги почитува традицијата и културното наследство на Ромите, притоа негувајќи ги хуманоста, еднаквоста и солидарноста, вложувајќи максимални напори за создавање услови за нивен подобар живот.

Годинава се одбележуваат 50 години од првиот Светски ромски конгрес, кој на 8 април 1971 година се одржал во Орпингтон, во близината на Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Ка.М.