БИТОЛА

Општина Битола се одлучи за своите потреби и потребите на превоз на дел од учениците да набави неколку свои автобуси и минибус, па заедно со општините Новаци и Могила да формира јавно претпријатие за автобуски превоз. Возниот парк на Општина Битола од пред неколку дена е побогат за уште два нови минибуси.
Општина Битола со сопствени средства набави нови, еколошки минибуси на метан, со по 16 и 19 седишта, кои според градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, ќе бидат наменети и за превоз учениците и за други услуги наменети за граѓаните.
– Во согласност со програмите за работа и средствата предвидени од буџетот, Општина Битола годинава набавува четири минибуси со капацитет од 70 седишта, во вредност од 18 милиони денари. Според нашата споредбена анализа, ќе покажеме кои се ефектите на едни поинакви политики, кои ги покажува оваа локална самоуправа. Во изминатиот период за превоз на ученици, со некои поинакви политики, беа потрошени околу девет милиони евра, што во превод би значело набавка на 116 вакви минибуси. Замислете, ако се воделе домаќински политики, како што ги покажуваме ние денес, кој капацитет на превозни средства и кои услуги би ги имала нашата локална самоуправа.

Во оваа насока Општина Битола ќе продолжи да се однесува, затоа што само на ваков домаќински начин може да имате поефективен, поекономичен и поуслужлив превоз кон граѓаните – изјави таа.
Инаку, неодамна локалната самоуправа на Битола поведе иницијатива за формирање регионално јавно претпријатие за подобрени услуги во превозот за жителите на општините Битола, Могила и Новаци.
– Оваа недела доаѓа уште едно превозно средство, кое покрива категорија граѓани што во изминатиот период имаше сериозни проблеми од аспект на мобилноста – додаде Петровска.