Зградата на Конгресот во Вашингтон е затворена поради можна безбедносна закана, пишува Ен-би-си њуз.
Безбедносните служби испратија порака до вработените во Конгресот: „Поради можна безбедносна закана, не е дозволен влез и излез од зградите на Капитол. Може да се движите низ зградата, но да се држите подалеку од прозорците и вратите. Ако сте надвор, побарајте засолниште“.
„Гласот на Америка“ пишува дека Капитол хил е затворен поради дојави за можно пукање.
Владината агенција „Капитол полис“ објави на Твитер дека се случил инцидент и дека возило удрило во двајца полицајци кои ја обезбедувале зградата на Конгресот. USCP наведува дека осомничениот е во притвор.
Извор од Конгресот за Си-ен-ен изјави дека напаѓачот со возило удрил во оградата на Капитол, а потоа излегол од автомобилот мавтајќи со нож. Полициски службеник пукал во напаѓачот.