Фото: Игор Бансколиев

Германија е репрезентацијата со најмногу титули со која Македонија досега играла, оти таа има четири светски титули (уште по четири втори и трети места од мундијалите), три европски трофеи (плус три втори места), еден триумф во Купот на конфедерациите…

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Македонија вечерва првпат во историјата игра против Германија, во Дуисбург (20.45 часот), во третото квалификациско коло, група Ј, за пласман на Светското првенство (СП) во фудбал, во 2022 година во Катар. Германија во првите две кола забележа две победи, над Исланд, дома (3-0), и над Романија, на гости (1-0). Македонија беше поразена на гостувањето во Романија (2-3), а на домашен терен, во Скопје, убедливо го совлада Лихтенштајн (5-0).
Германија, без дилеми, е најдобрата репрезентација во групата, и е апсолутен фаворит во вечерашниот дуел, поради неоспорните квалитети што го поседува, како тимски, така и индивидуално. Германскиот селектор, Јоаким Лев, кој го одработува последниот меч во квалификациите за СП и кој по 15 успешни години, по Европското првенство (ЕП) летово, се повлекува од функцијата, на располагање има плејада врвни играчи што настапуваат за врвни европски тимови. Почнувајќи од капитенот Мануел Ноер, голманот на европскиот првак Баерн, кој покрај себе ги има клупските колеги Серж Гнабри, Леон Горецка, Џошуа Кимих, Лерој Сане… Во тимот се и Илкај Гундоган од Манчестер сити, Каи Хаверц и Антонио Рудигер од Челси и многу други екстра-играчи.
Формата на Германците по шокантниот пораз од Шпанија (0-6), лани во ноември во Лигата на нации (ЛН), е во нагорна линија, за што сведочат и првите два квалификациски меча на кои репрезентацијата не прими гол.

Претходно, Германија само на еден од деветте натпревари не прими гол, а на другите осум прими дури 17. Селекторот Лев по мечот и минималната победа над Романија беше задоволен од играта, истакнувајќи дека „имавме целосна контрола на мечот и не ѝ дозволивме на Романија да направи никаква шанса, а ние создадовме уште неколку“.
Германија е и најтрофејната репрезентација со која Македонија досега играла. Таа репрезентација има четири светски титули (1954, 1974, 1990 и 2014 година), по четири втори и трети места, како и три европски титули (1972, 1980 и 1996 година), плус три втори места и еден трофеј во Купот на конфедерациите.
Од осумте светски прваци, Германија е четвртиот со кој ќе игра Македонија (недостигаат уште мечеви со Франција, Бразил, Аргентина и со Уругвај).

Против Англија, Италија и Шпанија, Македонија досега одигра 10 меча, но нема победа, со ефект од три ремија и седум порази. Со Англија резултатот е две ремија на гости и два пораза дома (2-2, 0-0, 1-2, 0-1), со Италија реми на гости, пораз дома (1-1, 2-3), а со Шпанија, откако стана светски првак, по два пораза дома и на гости (1-5, 0-1, 0-4, 1-2).
Фудбалската правда на вечерашниот меч ќе ја дели Русинот Сергеј Карасев (42), за него 95-ти, клупски и репрезентативен во кариерата. На Македонија тој ѝ судеше на мечот со Шкотска (1-1), во Глазгов, во септември 2012 година, во квалификациите за СП 2014, а на Германија на дуелот со Чешка (2-1) во Прага, во септември 2017-та, во квалификациите за СП 2018.


Ангеловски: Ќе излеземе на теренот и ќе ја бараме нашата шанса

Македонија првпат се среќава со Германија. Што мислите за германскиот тим, беше едно од прашањата во интервјуто со селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, за Германската фудбалска федерација (ДФБ) пред мечот.
– Германија има врвен тим, кој не само што е фаворит на секој натпревар туку и на секое големо натпреварување. Германија има неверојатна група играчи и тренер што работи со тимот многу години. Македонија има играчи што имаат одиграно големи натпревари за своите клубови и познат им е притисокот. Ова ќе биде важно искуство и одличен тест за нас. Не сакам да создавам притисок и да посакувам добар резултат. Но можам да ветам дека ќе излеземе на теренот и ќе ја бараме нашата шанса – изјави Ангеловски.


ГРУПА Ј

Ерменија – Романија 18 ч.
Германија – Македонија 20.45 ч.
Лихтенштајн – Исланд 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 4-0 6
Ерменија 2 2 0 0 3-0 6
Македонија 2 1 0 1 7-3 3
Романија 2 1 0 1 3-3 3
Исланд 2 0 0 2 0-5 0
Лихтенштајн 2 0 0 2 0-6 0