Иако можеби ќе изгледа наивно или претенциозно, но според најголемиот дел од јавноста токму најновиот лидерски договор постигнат во Клубот на пратениците има поголема специфична тежина, бидејки првпат од независноста на Македонија е постигнат и усогласен без учество на странски посредници, или булдожер-преговарачи од калибарот на Нимиц, Пердју, Леотар, Рикер, Хан…
Иако кога станува збор за македонските политичари, кои во „практикувањето на политиката“ главно се однесуваат според рекламниот слоган „Скопско и сѐ е можно“, никогаш не можеш да бидеш сигурен, сепак на 1 април во Македонија нема да започне пописот на населението.
Поучени од претходните искуства, можеби некои ќе помислат дека тоа е првоаприлска шега. Но овој пат не е така. По неколкумесечни преписки, ултиматуми, условувања и уценувања, лидерите на двете најголеми македонски политички партии на СДСМ, Зоран Заев, и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се договорија да го одложат одржувањето на пописот и тој наместо во април да се одржи во септември. Тоа што претходно не успеаја да го направат со месеци, овој пат двајцата лидери го направија за само два часа.
Доволни беа само два часа, лидерите Заев и Мицкоски да се договорат не само да го одложат пописот за септември туку и како поуспешно да се надминат пречките со кои се соочува нашата држава. Токму во таа светлина на ставање на државните интереси на прво место ваквиот договор има уште поголема тежина. Постигната е и согласност да се пролонгираат и локалните избори, кои ќе се одржат во втората половина на октомври, потоа за измени на Изборниот законик и користење т.н. фингерпринт-технологија, која ќе овозможи да се користат електронски терминали за отчитување на прст, да се отвори можноста во иднина да се создадат услови за една изборна единица во изборните циклуси, избор на градоначалник во првиот круг, ако добие над 30 отсто од гласовите, гласање на отворени листи за избор на советници во локалните самоуправи, одблокирање на Собранието заради справување со пандемијата, носење на реформските закони итн. Постигнат е договор и најден е заеднички именител за еден куп важни и значајни прашања за државата и граѓаните.
Тоа е клучната специфика и разлика на оваа средба од сите претходни собиранки од ваков тип, кои се одржуваа под нечие менторство на европски или други белосветски ментори и медијатори, како Охридскиот договор, Пржинскиот, процесот „Жан Моне“ итн.
Иако можеби ќе изгледа наивно или претенциозно, но според најголемиот дел од јавноста токму најновиот договор постигнат во Клубот на пратениците има поголема специфична тежина, бидејки првпат од независноста на Македонија е постигнат и усогласен без учество на странски посредници, или булдожер-преговарачи од калибарот на Нимиц, Пердју, Леотар, Рикер, Хан…
Во изминатиот период се изнагледавме и изнаслушавме како за секој политички проблем во државата, македонските политичари како мали деца беспоговорно преговараа и потпишуваа сѐ што ќе им се дадеше да потпишат, односно тоа што „преговарачите“ од Брисел или од Вашингтон ќе им го сервираа или напишеа. Така беше и при потпишувањето на Охридскиот мировен договор, така беше и при решавањето на политичката криза во Пржино, кога по деноноќните преговори, македонските политичари во присуство на европските ментори и преговарачи го потпишуваа тоа што однапред други им го имаа напишано.
Можеби затоа таквите „историски“ договори, договорени под патронатот на европските медијатори и ментори, важеа до правата прес-конференција. По секоја прес-конференција, на која беа промовирани тие „историски“ договори, потписниците на договорите, не само што се оградуваа и дистанцираа од истите тие туку и не ги признаваа.
Во таа насока последниот договор меѓу Заев и Мицкоски треба да служи за пример како во иднина македонските политичари не треба за кој било политички проблеми и недоразбирања да бараат посредништво од странците, туку да седнат самите, без никакви медијатори и посредници, да се договорат за решавањето на проблемите, недоразбирањата и разидувањата.
Се разбира многу е подобро да се прави тоа институционално, во Собранието и органите на државата, наместо на лидерски средби, но во моментов сепак е најважно што се надминати суетите и се препознаени државните интереси.
Затоа силна порака имаат зборовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека во Македонија дијалог е неопходен, а довербата е двонасочна улица и за сите процеси власта и опозицијата треба да изградат заеднички став, и на премиерот Зоран Заев, кој рече дека доколку се сака може да се постигне договор за сите отворени прашања.
По постигнатиот договор во Клубот на пратениците се чини дека првпат од независноста на Македонија македонските политичарите заборавија на своите политички суети, кој е поголем патриот, и се надминаа себеси во интерес на државата.
Но последниот договор во Клубот на пратениците има и друга важна димензија. По ваквиот договор на лидерите на двете најголеми македонски политички партии сега треба да се прати и пораката дека во иднина веќе нема да поминуваат ниту уцените и условувањата на помалите коалициски партнери, најчесто од албанскиот блок, кои бараат преку леб погача и континуирано вршат мајоризација на малцинството над мнозинството. Во иднина не смее да се дозволи заради фотелја и власт да се прифаќаат секакви уцени на штета на државните и национални интереси. Конечно на сите треба да им биде јасно дека кога се во прашање државните интереси и интересите на граѓаните нема суети, политички уцени и условувања.
Тоа треба да им стане е јасно и на некои албански лидери, кои во изминатиот период ја држеа Македонија како заложник за остварување на своите теснопартиски и исклучиво етнички мотивирани условувања, закани и притисоци.
Пораката до граѓаните е дека иако имаат различни политички ставови и програми, сепак кога се во прашање државните интереси можат да разговараат и да се договорат. Во минатото многупати овој народ беше делен по различни основи. Цели 30 години од независноста делбите и поделбите станаа начин за опстојување на политичарите на политичката сцена и начин на живот во Македонија. Политичарите со своите политики и политички суети во минатото успеаја да ги поделат не само граѓаните по политичка основа туку и членовите на најтесните семејства, кои поради инфицираноста од политиката, не сакаа(т) ни да се видат. Да се надеваме дека сето тоа ќе остане зад нас и последниот договор ќе послужи како пример како во иднина треба да се водат политиките во Македонија. Во тој случај нема ни Заев, ни Мицкоски, а што е најважно ни Македонија да бидат условувани и уценувани постојано да попуштаат пред притисоците на разни политичари или лоби-групи за остварување нечии интереси, или по секоја меѓуполитичка кавга да го потпишуваат тоа што ќе им го напишат странците. Во таков случај Македонија нема да биде монета за поткусурување ни за политичките профитери, а ни за соседните држави, кои токму нашите кавги ги користеа за остварување на нивните историски желби и интереси.