Во ерата на модерната технологија, многумина го заменија пишувањето со рака со пишување на тастатура. Сепак, според најновото истражување, експертите дошле до интересни заклучоци и откриле кој од овие два начина на запишување белешки и информации е подобар за мозокот. Студентите што ги пишувале своите белешки рачно, подобро го разбрале значењето на лекцијата отколку оние што ги пишувале на компјутер, а исто така се покажало дека првите се и поотворени кон нови идеи. Истражувачи од универзитетот „Принстон“ и Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, спровеле низа студии за да ги докажат разликите помеѓу студентите што ги пишувале своите белешки на тастатура и оние што ги пишувале рачно.
Резултатите од истражувањето биле објавени во „Псајколоџикал сајанс“. Авторите на истражувањето истакнале дека претходно главно се фокусирале на тоа колку компјутерот им пречи на студентите во концентрацијата, во овој случај тие се користеле исклучиво за пишување белешки.
Резултатот покажал дека пишувањето со рака е покорисно.
Тоа не значи дека пишувањето на тастатура нема свои придобивки. Оние што пишуваат на тастатура имаат поголем капацитет за фаќање белешки и можат да забележат повеќе зборови во однос на пишувањето со рака, па понекогаш можеле и да го напишат целото предавање, од збор до збор. Но тоа не значи дека би запомниле подобро.
Тоа го покажал и тестот направен 30 минути по предавањето. И двете групи имале еднакви резултати кога станува збор за основните факти од предавањето, но оние што пишувале со рака биле подобри во поапстрактните прашања.