Министерот за здравство, Венко Филипче, на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на прашање на паретник од партијата ВМРО-ДПМНЕ, ги отфрли обвинувањата дека владини функционери преку ред се вакцинирале против Ковид-19.
Министерот посочи дека вакцинацијата во земјата се води исклучиво според Националната стратегија за имунизација и никој не го злоупотребил процесот.
– Знам дека сакате да не успееме во нашата борба за да освоите некој евтин политички поен, меѓутоа ќе ве разочарам, ние оваа борба ќе ја добиеме. Сè што значи дозволен пристап на податоци на што самите граѓани ќе се сложат да ги отстапат, од нивното здравствено досије, дојдете и земете ги. Одговорно ви кажувам дека не е вакциниран ниту еден функцинер, ниту еден министер во владата, ниту еден директор. Слободно дојдете, јас уште утре ќе проверам што е тоа што може да се даде како податок – рече Филипче.
Министерот обвини дека ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на пандемијата се обидува да го поткопа здравствениот систем со, како што кажа, лажни вести и клевети.
– Ние се бориме и за вакцините, меѓутоа се бориме и против лажните вести коишто вие ги ширите. Вашиот претседател Христијан Мицкоски во еден статус, кажа дека е многу задоволен од третманот на Инфективната клиника, додека заткулисно ги поткопувате сите можни обиди да се зајакне здравствениот систем во оваа криза којашто го снајде целиот свет – рече Филипче во Собранието.