Принцот Хари и принцот Вилијам ја покажаа својата благодарност кон нивната почината мајка, принцезата Дијана, на два различни начина, пренесува „Њузвик“.
Во чест на неговата мајка, Хари напиша вовед во книга за деца кои ги загубиле родителите за време на пандемијата, додека пак децата на Вилијам изработија честитки во чест на денот на мајката во Обединетото Кралство, 14 март.
Двете одбележувања се случија откако принцезата Дајана беше честопати споменувана во интервјуто на Хари и Меган Маркл со Опра Винфри. Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, кога Хари имаше 12, а Вилијам 15 години.
– Иако претпочитам да ти дадам прегратка, се надевам дека оваа приказна ќе ти донесе утеха и знај дека не си сам. Кога бев мало момче ја изгубив мајка ми. Не сакав да поверувам, ниту да го прифатам тоа, што во мене остави голема празнина. Знам како се чувствуваш, но биди уверен дека таа празнина ќе биде пополнета со многу љубов и поддршка. Сите се соочуваме со загубите на различен начин. Иако нашите родители одат во рајот, нивната љубов и спомени остануваат со нас – гласи воведот на принцот Хари.
Во меѓувреме, на твитер-профилот на принцот Вилијам беа објавени слики од честитки кои неговите деца, принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис, ги изработија во чест на Дијана за денот на мајката. Секоја година на тој ден тие изработуваат честитки за нивниот татко во знак на сеќавање на нивната баба.
Честитката на Џорџ гласи „драга баба Дијана, среќен ден на мајките! Те сакам многу и секогаш мислам на тебе. Ти испраќам многу љубов“, додека во честитката на Шарлот се наведува „драга баба Дијана, мислиме на тебе на денот на мајката. Те сакам многу. Му недостасуваш на тато. Многу љубов, Шарлот“.
– Оваа година денот на мајката ќе биде поинаков. Многумина од нас ќе бидат разделени од своите најблиски, но со нетрпение чекаме кога повторно ќе можеме да и прегрнеме нашите мајки – гласи објавата на принцот Вилијам на Твитер.