Белград – Српската премиерка Ана Брнабиќ најави дека мерките против коронавирусот ќе мора да се заострат и информира дека ќе има состанок со медицинскиот дел на Кризниот штаб, кој инсистира на тоа.
Брнабиќ им се заблагодари на граѓаните што се вакцинирале и рече дека тоа е одговорно и пред себе и пред другите.
– Во овој момент имаме малку повеќе од 1,2 милион вакцинирани со првата доза, а ревакцинирани се и околу 740.000 лица, така што вакцинирани се околу 21 процент од возрасната популација – рече Брнабиќ. („Новости“)

Загреб – Хрватското министерство за надворешни и европски работи испрати протестна нота до Србија, изразувајќи загриженост поради големиот број закани, притисоци и навреди упатени кон припадниците на хрватското национално малцинство во Србија по барањето да се воведе хрватски јазик во официјална употреба.
– По јавната дебата за поведување постапка за воведување т.н. буневачки говор како официјален јазик во реонот на градот Суботица, „претставници на хрватските институции за национални малцинства во Суботица се изложени на сериозни навреди, закани и притисоци преку социјалните медиуми – соопшти Министерството. („Јутарњи лист “)

Приштина – Централната изборна комисија на Косово ги потврди конечните резултати од предвремените избори на 14 февруари. Движењето Самоопределување освои 50,28 отсто од гласовите, што му даваат 58 мандати во Собранието, кое има вкупно 120 места. Второрангираната Демократска партија на Косово има 19 пратеници, Демократскиот сојуз 15 места, додека 8 места ќе има Алијансата за иднината на Косово. Од малцинствата, Српската листа обезбеди 10 загарантирани места, две има за Турската демократска партија и по едно коалицијата Вакат, Горанската партија, Новата демократска иницијатива на Косово, Новата демократска партија, Ашкалиите, иницијативата за Ромите, Ромското напредно движење и Социјалдемократскиот сојуз. („Алсат“)


Бисер балкански

Пензионери стогодишници

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Србија им исплаќа пензија на 60 лица што имаат над сто години. Според податоците на Фондот, повеќе од 320 пензионери примаат пензија повеќе од пет децении. Најстариот пензионер има 111 години, роден е во 1909 година. Најмногу граѓани со петдецениски пензиски стаж има во Белград. Рекордот за добивање пензија од 70 години го држи една жена, која е пензионерка од 1950 година.
Просечниот број на години за користење старосна пензија во Србија изнесува 17 години за мажи и 20 години за жени, објави „Политика“.