Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ

Во пресрет на ЕП, УЕФА ги издвои средбите Италија – Турција, Данска – Финска, Македонија – Австрија, Англија – Шкотска, Шпанија – Полска, Португалија – Франција и Германија – Унгарија, во периодот од 11 до 23 јуни

Ставете ги следните датуми во вашиот дневник на настани за завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) во фудбал летово, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Станува збор за историски мечеви, за мечеви на дебитанти на финалните турнири, меѓу кои е и мечот Македонија – Австрија, како и натпревари од „тешка категорија“. УЕФА издвојува седум меча.

Италија – Турција (Рим, група А), 11 јуни (21 часот). Во воведниот натпревар Турција игра против Италија, точно по 21 година по единствената претходна средба на големите турнири, кога Италија ја победи Турција со 2-1 на вториот ден од ЕП 2000.
Данска – Финска (Копенхаген, група Б), 12 јуни, 18 часот. По 110 години и повеќе од 750 меѓународни меча, Финска ќе дебитира на голем турнир против многу познат противник, Данска, во 60-от меч. Само два од тие натпревари досега беа во рамките на УЕФА, во квалификациите за ЕП 1988 (Данска двапати победи со 1-0).

Македонија – Австрија (Букурешт, група Ц), 13 јуни, 18 часот. Македонија е во квалификациска група со Австрија и има можност за реванш. Австрија ја победи Македонија дома и на гости во квалификациите за ЕП. Сега ќе се сретнат на неутрален терен. „Sвезденото име“ на Македонија е капитенот, најдобриот стрелец на сите времиња и со најмногу одиграни натпревари, Горан Пандев. Тој го постигна голот против Грузија што ја одведе Македонија на финалниот турнир. Може ли 37-годишниот Пандев да постигне уште еден или два значајни, историски голови, пишува УЕФА.

Англија – Шкотска (Лондон, група Д), 18 јуни, 21 часот. Кога Англија последен пат беше домаќин на ЕП во 1996 година, во вториот натпревар, првпат на голем турнир играше против Шкотска, на „Вембли“, во мечот што се смета за „класика“. Ова е прв настап на Шкотска на ЕП по 1996-та и прв на еден голем турнир по СП 1998.
Шпанија – Полска (Билбао, група Е), 19 јуни, 21 часот. Роберт Левандовски знае сѐ за товарот на очекување на кодомаќинот Шпанија. Во 2012 година, тој го постигна првиот гол на турнирот за Полска, на домашно тло во Варшава. Изненадувачки, овие две земји играле само двапати претходно, пред првото ЕП, во 1959 година (Шпанија победи на гости со 4-2 и дома со 3-0).

Португалија – Франција (Будимпешта, група Ф), 23 јуни, 21 часот. Во своевидна меѓународна верзија на Суперкупот на УЕФА, европскиот првак, Португалија, ќе се сретне со актуелниот светски шампион, Франција. Вторпат се случува европскиот шампион да игра против светскиот првак во одбрана на титулата. Холандија, првакот од ЕП 1988, го победи светскиот шампион од СП 1990, Германија, на последниот натпревар во групата, на ЕП 1992.

Германија – Унгарија (Минхен, група Ф), 23 јуни, 21 часот. Унгарија откако ќе ги пречека Португалија и Франција, ќе ѝ гостува на Германија. Ова ќе биде нивна трета официјална средба. „Лесната унгарска коњица“ ја совлада З. Германија со 8-3 во групната фаза на СП 1954 во Швајцарија, но тимот на Сеп Хербергер се реваншира во финалето, победувајќи со 3-2.