Карикатура: „Нова Македнија“

Врз основа на официјалните податоци објавени на веб-страницата на бугарската Централна изборна комисија, во Македонија се пријавиле едвај 328 луѓе со бугарски државјанства заинтересирани за гласање на изборите во Бугарија на 4 април, и покрај декларираното од бугарските политичари дека ќе гласаат повеќе од 100.000 лица што имале бугарско државјанство?! Очигледно, да се поседува бугарски пасош не го прави чувството да се биде етнички Бугарин. А ниту пак тоа државјанството го прави де факто, ниту де јуре

Дебакл на процената на официјална Софија за бројката на Бугари во Македонија

Долгогодишната агресивна кампања на бугарската држава со активности на „мазно и непречено издавање државјанства и пасоши на македонски државјани, со намера прибирање писмени сведоштва дека Македонците се со бугарски корени“, се чини дека е пред тежок дебакл.

Судејќи според бројот на гласачи за претстојните избори во Бугарија, кои се пријавиле да го искористат своето право на глас во бугарската амбасадата во Скопје, на 4 април, амбициите и напорите на бугарската политика за „освестување“ на Македонците за „заедничката историја и потекло“, се далеку од нивниот посакуван ефект. И во соседните држави бројките се многу мали на оние што се чувствуваат како Бугари и како такви изразиле желба да ја остварат својата обврска спрема својата втора татковина. Тоа е факт што отсликува колку предимензионирала официјална Софија со своите калкулации и аспирации да прикаже значителен број Бугари во регионот. Тоа беше и алатката со која најбезобѕирно државни бугарски функционери покажаа и територијални аспирации, како што неодамна го направи тоа бугарскиот министер за одбрана Каракачанов.

Санстефанска Бугарија окупирала територии и народи од околните земји каде што речиси и да нема бугарско малцинство

Врз основа на официјалните податоци објавени на веб-страницата на бугарската Централна изборна комисија, во Македонија (со која билатералните односи се затегнати токму поради отворање на историско-идентитетските прашања) се пријавиле едвај 328 луѓе. Оваа бројка е помала дури и од пријавените гласачи од далечната Австралија – 422. Од Србија, до Изборната комисија во Бугарија пристигнале само 172 пријави, а од Романија 58. Рокот за пријавување на бугарските државјани во странство што сакаат да учествуваат на парламентарните избори во Бугарија, кои ќе се одржат на 4 април, истече на 10 март, на полноќ.
Бројката од 328 пријавени гласачи за бугарските избори во Македонија е поразителна, во однос на податоците со кои оперираат бугарските политичари за издадени државјанства и пасоши на македонски граѓани. Според нив, таа бројка досега изнесува повеќе од 100.000 лица, а во постапка за добивање бугарско државјанство и пасоши биле повеќе од 70.000 македонски граѓани. По објавувањето на овие податоци, во македонската јавност и на социјалните мрежи речиси инстант се појавија сатирични статуси од видот дека „во Македонија има повеќе Јеховини сведоци отколку Бугари“.

Сосила спроведуваната етничка денационализација ќе се врати како бумеранг

– Оваа повеќе од скромна бројка на пријавени гласачи од Македонија за претстојните избори во Бугарија недвосмислено покажува дека нивната долгогодишна пропаганда и кампања за „калемење бугарски корени“ на Македонците не фатила корен. Тоа е вистинската слика за бугарскиот сентимент во Македонија. Секако, не може да се пренебрегне фактот дека се издадени илјадници државјанства и пасоши во Македонија, со изјави за „бугарско потекло“, но се покажува и дека оние што ги дале изјавите или не биле искрени, или едноставно го направиле тоа од економско-егзистенцијални причини, за полесно да најдат работа во ЕУ, па и во други земји во светот, каде што полесно се стигнува со пасош од земја на ЕУ. Ноторна вистина е дека Бугарија го искористи членството во ЕУ за издавање бугарски државјанства во соседните земји, како инструмент за своите експанзионистички политики. Иако и оваа бројка со која оперираат бугарските политичари, за 100.000 издадени државјанства во Македонија, е голема за нас, сепак за нив не е задоволителна. Имено, уште на почетокот на политиката за издавање државјанства и пасоши, кога бугарскиот пасош доби вредност поради членството во ЕУ, проекцијата и очекувањата на Бугарија биле во првите година-две во Македонија да бидат побарани барем 200.000 државјанства. Тој тренд и политика на Бугарија траат речиси дваесетина години, но сепак се стигнати само половично од првичната проекција – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Иако е завршен рокот за регистрација на гласачите во странство, покрај пријавувањето за гласање во Македонија, македонските Бугари и македонските граѓани, кои имаат бугарско државјанство и пасоши, имаат можност да патуваат во Бугарија и на денот на изборите да гласаат на регистрираните избирачки места. Познато е дека огромен број од нив се пријавени на една или на непостојни адреси, а во Ќустендил, на пример, како адреса на живеење е регистрирана обична стара трафостаница. Но досегашната практика покажува дека нивниот одѕив е исклучително мал. Ако кон ова се додадат и условите за патување и присутната пандемија, тешко е да се очекува дека одѕивот од Македонија за претстојните парламентарни избори во Бугарија ќе биде голем.

Класична злоупотреба на привилегијата на членството во ЕУ од страна на Бугарија

– Освен што е сведоштво за тоа колку биле искрени во изјавите за „бугарското потекло“ сите оние набројани македонски граѓани со бугарски државјанства и пасоши, актуелната бројка на тие што се пријавиле во Македонија да гласаат на изборите во Бугарија, зборува и за тоа дека целата бугарска политика со издавање пасоши на Македонци, но и други странци е обична фарса. Тоа е класична злоупотреба на привилегијата на членството во ЕУ, за да манипулираат со Македонците како Бугари. Всушност и самите тие, во Бугарија водеа истраги за криминална трговија со издавањето на нивните државјанства и пасоши. Помалку дури и од симболичната бројка на пријавени бугарски државјани во странство, заинтересирани за гласање на претстојните избори, во однос на издадените државјанства, е уште еден прилог во доказите за криминалниот аспект на таквата бугарска политика – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
И покрај евидентниот дебакл на обидите за бугаризација на Македонија, преку издавање државјанства и пасоши на македонските граѓани, Петров истакнува и дека државјанството сепак не е легитимација за етничкото потекло на тој што го поседува.
– Обидот за наметнување на државјанството како етничка квалификација, Бугарија освен што го употребува за своите асимилаторски и експанзионистички намери спрема Македонија, на внатрешен план го користи за одржување на некаква национална кохезија. Зашто ако во Бугарија се отвори етничкото прашање, постои голем ризик да се распадне и државата – смета Тодор Петров.


Уште една провокација на Каракачанов со бугарските државјанства

Речиси истовремено кога беа објавени податоците за бројноста на заинтересираните со бугарски државјанства во странство за гласање на претстојните избори во Бугарија, вицепремиерот и министер за одбрана на оваа соседна земја, објави список на македонски политичари од опозицијата што, наводно, имале и бугарски државјанства. Истовремено ги повика да излезат на гласање на тамошните избори на 4 април. Во својата објава на социјалните мрежи, Каракачанов иронично објави дека е можно да има случајно совпаѓање на имињата. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш излегоа со реакција дека објавата на Каракачанов е лажна вест, притоа обвинувајќи го дека тоа го прави во интерес на актуелната владејачка партија во Македонија.