Осврт

Драган Хаџи Бошков имал особена склоност и пасија кон класичната музика и од најрана возраст стекнал солидно музичко образование. Негов омилен инструмент бил клавир-пијано и со големо задоволство ги изведувал композициите на Шопен, Лист, Бетовен и др. Покрај тоа, природата го обдарила со високи гласовни можности, со мошне убав тенор. Бил на усовршување кај тогаш познатиот музички педагог, дворскиот советник, проф. Г. Гаирингер (1856-1945) во Конзерваториумот во Виена, кај кого успешно совладал повеќе тенорски партитури. Меѓу нив се вбројуваат главниот лик Дон Хозе во операта „Кармен“ од Ж. Бизе, сликарот Кавадароси во операта „Тоска“ од Џ. Пучини, студентот Шевалие Ренато дес Грие во операта „Манон Леско“ од Џ. Пучини и др.
Благодарение на талентот, посветеноста, напорната работа и самодисциплината, Хаџи Бошков успешно ги совладал и интерпретирал тенорските партитури, што го поттикнало неговиот педагог Г. Гаирингер да му помогне во отворањето на правецот на неговата кариера како оперски пејач во Операта во Линц, Австрија. Но неговите родители не се согласиле тој да се посвети на оперската кариера, инсистирајќи нивниот син Драган да ја продолжи успешната семејна традиција на индустријалци и трговци. Драган без волја се откажал од таквиот музички ангажман бидејќи во неговата душа љубовта за музиката била длабоко вткаена. Тој продолжил да ја негува својата љубов кон музиката, другарувајќи секојдневно со пијаното и следејќи ги оперите, концертите и солистичките изведби.

Музиката била неговата суштинска природа, негова прва љубов и смисла на животот. Тој поседувал и многубројни комплети опери на музички плочи, но и нотни изданија, особено оние со врвни тенорски партии. Во периодот по ослободувањето, другарувал со тогаш познатите личности од музичкиот свет: Маестро Ловро фон Матачиќ, Даворин Жупаниќ, Петре Богданов Кочко и др. Неретко со него се консултирале за организациските и стилски аспекти на музички поставки на оперски и други изведби. Сето тоа придонело Драган Хаџи Бошков длабоко да навлезе, со критички пристап и мисла, во сознанијата за операта, концертите и солистичките изведби кај нас.
Врз основа на широките познавања и солидното високо ниво на музичка култура, во почетокот на 1950-тите, Драган Хаџи Бошков беше музички рецензент во дневниот весник „Нова Македонија“. До 1955 г. објави повеќе од 40 рецензентски написи и критички осврти. Неговите рецензентски прикази за вокалните и инструменталните изведби обилуваа со стручно-основана и смела, објективна и конструктивна музичка критика, секогаш со признание за постигнатите успеси, но и со укажувања на она што можело и може да биде подобро. На тој начин Хаџи Бошков создаде имиџ на истакнат пионер на музичката критика во Македонија. До крајот на својот живот беше целосно посветен на класичната музика и на нејзиниот развој и афирмација кај нас.

Кочо Серафимов