Некои странски и домашни експерти сметаат дека помошта од НАТО против пандемијата можеше да биде понавремена и во поголем обем, особено кон земјите од Западен Балкан, кои својата одбранбена и секоја друга политика ја градат на политиките на ЕУ и на НАТО
Балканот на отворен простор поради неподготвеноста на ЕУ и на НАТО!
Дали по потфрлањето на Европската Унија во донесувањето на мерките против ширењето на коронавирусот и подготовките за масовна и навремена вакцинација на населението извесно неснаоѓање покажа и најмоќниот воен сојуз НАТО е прашањето што сѐ повеќе се отвора пред европската јавност. Иако Северноатлантската алијанса не можеше да биде на фронтот во борбата против ковид-19, бидејќи кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот е првенствено цивилна здравствена криза, некои странски и домашни експерти сметаат дека помошта од оваа организација можеше да биде понавремена и во поголем обем, особено кон земјите од Западен Балкан, кои својата одбранбена и секаква друга политика ја градат на политиките на ЕУ и на НАТО. Висината на помошта од НАТО и од ЕУ доби посебна геополитичка тежина, особено по нагласеното ангажирање и заинтересираност на Русија и на Кина да им помогнат на земјите од регионот. Последната таква помош се однесува на интервентните испораки и донациите со руски и кинески вакцини против коронавирусот што од почетокот на годинава се „редистрибуираат“ преку Србија.
Помошта што досега пристигна во земјите во регионот од воените капацитети на НАТО беше овозможена преку механизмите за зајакнување на доменот на цивилна заштита, пред сѐ преку Евроатлантскиот центар за координација против катастрофи.
Овој центар, кој е главен механизам за одговор на вонредни состојби во цивилната заштита, има за задача да ги координира барањата на членовите и партнерите во справувањето со големи кризи, како што е кризата предизвикана од ширењето на ковид-19, пишува „Јуропиен Вестерн Балканс“.
Во нивниот текст се дава преглед на земјите од регионот што преку програмите за помош на НАТО добија десетици респиратори и медицински материјали, со вкупна вредност од над 1,5 милион евра. Црна Гора доби 20 комплети опрема за респиратори. Холандија помогна во транспортот на заштитната опрема и медицинскиот материјал од Кина во Црна Гора. Во февруари 2021 година, Словачка донира четири вентилатори за Македонија преку Евроатланскиот центар за цивилна помош. Во октомври 2020 година, Словачка обезбеди помош во форма на маски, средства за хигиена, ќебиња, шатори и генератори.
Во Босна и Херцеговина, командата на штабот на НАТО во Сараево ѝ донира разновидна медицинска опрема на болницата во Бихаќ, а Албанија доби донација од околу 60 вентилатори. КФОР исто така помогна во Косово и во првите месеци од кризата донира опрема за лична заштита во вредност од над 70.000 евра за болниците во Грачаница и во Приштина.
Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во разговор за ЈВБ, посочи на политичките разлики во земјата, кои не изостанаа и при добивањето на помошта за Македонија што беше обезбедена преку Словенија.
– Водечките партии дебатираа кој од нив ги „обезбеди“ првите пратки, односно маските, ракавиците и заштитните комбинезони за здравствените работници. Кога пристигнаа од Словенија и Унгарија, од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека тие се обезбедени по телефонските разговори на претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со Јанша и Орбан, додека Владата (СДСМ) ја претстави како помош од НАТО – изјави Кржаловски за ЕВБ.
Но, како што забележува тој, помошта од НАТО била искористена со задоцнување, како и тоа дека помошта преку оваа организација не била искористена во полн капацитет.
Според универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, доктор на безбедносни и одбранбени науки, пандемијата и вакцинацијата предизвикаа ЕУ повеќе да личи на компилација на импровизации, а НАТО на солирања, отколку на складен хор и оркестар предводени од врвен диригент, кој ја изведува Бетовеновата „Ода на радоста“.
– Преку процесот на вакцинација, ЕУ, за жал, ја потврди својата неефикасност, а НАТО исто така потфрли, бидејќи се покажа дека механизмот за цивилна заштита не е доволен и не е функционален да одговори на сите членки. Меѓународните организации мора да се менуваат однатре по преземањето на новото германско лидерство во услови на дискутабилно поведение на Париз. Наедно, доставувањето или најавата за доаѓање на кинеските вакцини во регионот, како и влезот на руските вакцини како единствен спас, е директно кршење на ’рбетот на ЕУ и политиките на НАТО во срцето на Балканот, каде што може да се очекуваат значајни поместувања. Целиот европски проект ризикува да ја загрози смислата на своето постоење во очите на сопствените граѓани. НАТО преку почнатиот процес на креирање документ за развој „НАТО 2030“ мора да одговори на новото време и своите сериозни слабости да ги надмине врз основа на научените лекции. Големите НАТО-членки беа должни да одвојат од вакцините за помалите сојузници, како Северна Македонија, кога ќе си помогнеме ако не кога сме во неволја. Секторот за цивилна заштита изискува значајна трансформација како во НАТО така и во Република Македонија, имајќи ги предвид престојните ризици и закани од биотероризам, природни непогоди, асиметрични закани и друго – ни изјави Марјан Ѓуровски.
Никола Луниќ, извршен директор на Советот за стратегиска политика, објаснува дека Србија, како земја партнер, имала право да ја користи помошта на НАТО за време на пандемијата.
– Некои други земји, како Молдавија и Украина, ги искористија статусот на партнерство и правото на помош. Не стануваше збор за значителна материјална помош, но донацијата што ќе се состоеше од вентилатори, заштитни маски, облека и други работи ќе беше добредојдени за справување со пандемијата – вели Луниќ за „Јуропиен Вестерн Балканс“.
Србија соработува со членките на НАТО на билатерална основа. Така, на српската јавност ѝ е помалку познато дека Турција доставуваше маски, комбинезони и тестови за Србија и земјите од регионот. Друга членка на НАТО, Чешка, тесно соработуваше со Србија за развој на филтри за маски во рамките на Програмата за подобрување на образованието во одбраната. Луниќ потсетува на фактот дека оваа тема е многу исполитизирана и, како што вели тој, евентуалната помош од НАТО се меша со надворешната политика, а особено со намерата да се капитализира на домашна сцена и да се покаже дека донациите од Кина и од Русија се добредојдени за Србија.