Каде и да одам, во Љубљана, Белград, Загреб, Сараево, Скопје, јaс сум со моите. Секогаш ги почитувам разликите, но уште повеќе сличностите. Па иако можеби зборуваме на различни јазици, зборот срце секаде исто звучи, велеше големиот Балашевиќ
Ин мемориам: Ѓорѓе Балашевиќ (11 мај 1953 – 19 февруари 2021)
Лавина од емоции се сруши над регионот, како што Ѓорѓе Балашевиќ во шега велеше дека сега се вика неговата татковина, некогашна Југославија. По веста за смртта на големиот кантавтор, во петокот, завладеаја тага и неверица, се почувствувавме како да ни починал некој многу близок, кој нѐ познаваше во душа, кој на најубав начин знаеше да ги стави во своите песни нашите чувства. Отплови панонскиот морнар во вечноста…
Во 67-та година, големиот Ѓорѓе Балашевиќ, на Инфективната клиника во Нови Сад, му подлегна на коронавирусот. Лекарите, обидувајќи се да го спасат, цели два часа го анимирале, но попусто. Сите во болницата плачеле, како што плачеа и неговите обожаватели во секое катче на некогашна Југославија, секаде каде што тој со својот бенд барем на две-три години нѐ усреќуваше со своите концерти.
Последен пат во Скопје, Ѓоле одржа концерт на 20 мај 2018 година во СРЦ „Борис Трајковски“, во организација на продукцијата „Авалон“, во рамките на турнејата со која одбележи 40 години успешна кариера. Тогаш имаше 65 години и се пошегува дека никогаш не ни помислувал оти стиховите на популарниот „Петел“ – „ми пристигна 65-та, значи доаѓа длабока есен“, ќе станат стварност.
И како и секогаш кога доаѓаше во Скопје, најмалку три часа ги пееше со публиката своите хитови: „Протина кќи“, „Мирка“, „Марина“, „Васа Ладачки“, „Јесен стиже“, „Провинцијалка“, „Словенска“, „Рингишпил“, „Не волем“, „Д- мол“, „Живот је море“… и за крај, како и секогаш, „Одлази циркус“. Аплаузот се слушаше уште дваесетина минути, бидејќи публиката едноставно не сакаше да си замине од јубилејниот концерт на панонскиот морнар.
И тогаш, меѓу сите духовити забелешки меѓу песните, рече дека често го прашуваат како ги пишува песните. „Навистина не знам, тие се попаметни од мене и ќе ме надживеат. Едноставно ветерот ќе ми дошепне понекој стих. А ако песната мене ми се допадне, знам дека така ќе биде и со публиката“, велеше тој.
А песните на Балашевиќ беа вистински ремек-дела и, како на ретко кој поет, нивните стихови напамет ги знаеја милиони луѓе. Пееше за љубовта, од првата до последната, посакуваната, невозвратената… Успеваше во неколку стиха да стави и цел роман, но не остана имун ниту на политичките случувања. На 1990-тите им посвети цел албум, кој, како што вели, морал да го напише, за кога по многу години неговиот син ќе го праша: „Тато, а што направи ти во времето на владеењето на Милошевиќ?“, да може да му покаже како се борел за своите ставови. Ја отпеа и протестната „Само да рата не буде“, а пред неколку години ја објави и опоменувачката песна „Дно дна“, бидејќи едноставно не сакаше да премолчи.
Тој освен што имаше верни музичари со кои настапуваше, имаше и свои верни обожаватели што го придружуваа каде и да одеше. На својата публика ѝ посветуваше песни, па, така, напиша песна и за својата македонска публика, со наслов „Седум осмини“, а на последната средба во Скопје ни порача дека за него секогаш ќе бидеме Македонија, како и да нѐ нарекуваат другите и „да издржиме и да не им се даваме на барабите, како и досега“.
Секогаш истакнуваше дека каде и да настапува во регионот се чувствува како дома.
„Навистина добра екипа сте. Каде и да одам, во Љубљана, Белград, Загреб, Сараево, Скопје, јас сум со моите. Секогаш ги почитувам разликите, но уште повеќе сличностите. Па иако можеби зборуваме на различни јазици, зборот срце секаде исто звучи“, велеше големиот Балашевиќ.
Некој на социјалните мрежи, каде што сите на свој начин се простуваа од својот сакан Ѓоле како од некој најмил, напиша: „Со заминувањето на Балашевиќ, како повторно да умре Југославија“. Бидејќи тој едноставно беше алката што нѐ поврзуваше. Постарите ги потсетуваше на некои убави времиња, кога, како што напиша тој неодамна на социјалните мрежи, „имаше почит, љубов и разбирање“, а помладата публика можеше да ужива во неговите вонвременски песни и барем за миг да биде дел од тој поправеден и поубав свет.
Не го дочека својот 68. роденден, кој ќе го прославеше на 11 мај. Последните неколку години не настапуваше поради здравствени проблеми, по доживеаниот инфаркт. Сепак веруваме дека допрва ќе се појават некои нови песни на кои работел, книги со стихови и проза… Ќе остане запаметен и по глумата во неколку филма и ТВ-серии, за кои ја напиша музиката, по романите и стихозбирките, по 14 издадени албуми, но и по тоа што беше амбасадор на добрата волја на Обединетите нации.
Во родниот Нови Сад и во сите поголеми градови во регионот неговите обожаватели на плоштадите му оддаваат последна почит, а во саботата во 19 часот и скопјани се простија од него на платото пред Универзалната сала во Скопје, местото каде што Ѓорѓе Балашевиќ одржа голем број незаборавни концерти. Тие дојдоа во голем број да му оддадат почит на легендарниот балкански кантавтор. И додека на голем екран се редат неговите фотографии, во заднина одекнуваат неговите најголеми хитови. Негови обожаватели од сите генерации оставаа цвеќе, кадифени играчки, мандарини, палеа свеќи и со солзи во очите споделуваа спомени за својот омилен пејач, чии песни се дел од нивните животи.
– Балашевиќ беше дел од нашите животи, растевме, лудувавме и созревавме со неговите песни, тие беа наши животни лекции – велат неговите почитувачи од целиот регион.
И познатите личности од некогашна Југославија со емотивни пораки се простија од него, а за долгата и успешна кариера на Балашевиќ пишуваа и американските медиуми.
Во сета таа негова животна уникатна приказна, како да недостигаа малку повеќе награди и официјални признанија, но сите овие години Ѓоле ја добиваше најубавата награда од публиката, која сплотена деновиве тагува по него. „Што ќе му е орден на Балашевиќ кога на реверот ги носи Васа Ладачки и убавата попова ќерка?“
И неговиот животен пат завршува тука, но не и приказната. За жал, големиот Ѓорѓе Балашевиќ засекогаш нѐ напушти, но ни ги остави песните, а за сите што го сакаа и почитуваа тоа е голем и скапоцен подарок, како и фактот дека живеевме во неговото време.