Лекарите во Њујорк ја извршиле првата успешна трансплантација на лице и на двете раце, на дваесет и двегодишно момче кое се здобило со тешки изгореници во сообраќајна несреќа, пренесуваат светските медиуми.
Станува збор за Џо Димејо од Њу Џерси кој бил подложен на 23-часовна операција изведена од тим сочинет од преку 140 здравствени работници, минатиот август.
Димејо се здобил со изгореници од трет степен на повеќе од 80 отсто од површината на неговото тело, во сообраќајна несреќа во 2018 година. Му биле ампутирани врвовите на прстите и останал без усни и очни капаци. Димејо изјавил дека операцијата му овозможува „втора шанса за живот“.
Димејо се враќал дома од ноќна работна смена кога заспал зад воланот. Неговиот автомобил се запалил по судирот и целосно изгорел. Тој потоа поминал четири месеци во болница, а во добар дел од тоа време бил во индуцирана кома.
Димејо имал повеќе од 20 реконструктивни операции и може само делумно да ги користи рацете и нозете. Во 2019 година, тој беше испратен во академскиот медицински центар во Њујорк, каде што била извршена трансплантацијата минатиот август.
– Сакавме да му обезбедиме не само операција што ќе направи да изгледа подобро, туку, пред сè, на крајот тој да може да ги врати функциите на рацете – изјавил Едуардо Родригез, директор на одделот за трансплантација на лице.
По операцијата, Димејо поминал 45 дена на интензивна нега и уште два месеца во болница, каде што морал да научи како да ги отвори очните капаци и да ги користи рацете. Претходно биле извршени две трансплантации на лице и рака, но не биле успешни. Еден пациент починал од компликации, а на друг му биле отстранети рацете затоа што закрепнувањето не било успешно, стои во соопштението од болницата.
Лекарите во болницата чекале да се осигурат дека трансплантациите во случајот Димејо биле успешни пред да го соопштат исходот.
Според доктор Родригез, Димејо, кој поминува до пет часа на ден на рехабилитација, е „најмотивираниот пациент“ што некогаш го сретнал.
– Тој сака да спортува, сака да игра голф и сака да се врати на терен. Секогаш сум импресиониран од тежината што може да ја крене и силата на ракувањето – додава Родригез.
Димејо вели дека сега може сам да вежба и да си подготвува појадок.
– Ова е подарок даден еднаш во животот и се надевам дека е утешно сознание за семејството на донаторот на органи дека еден дел од него живее како дел од мене. Моите родители и јас сме многу благодарни што ја добивме оваа втора шанса – рекол Димејо.