Во иднина треба да се тежнее кон доизградување на водоснабдувачки системи за оние жители што не се покриени со јавен водоснабдувачки систем, како и за целосно преземање на изградените водоводи од страна на јавни комунални претпријатија. Доколку руралното население што и понатаму не е дел од јавен водоснабдувачки систем одлучи и понатаму да црпи вода за консумирање од приватни бунари, се препорачува нејзиниот квалитет да се подобри преку филтрација, почнувајќи од механичката, па до специјалната филтрација што отстранува бактерии и метали
Се проценува дека околу 60 илјади жители на Македонија пијат вода од извори што се небезбедни, а околу 40 проценти од испитаните примероци на вода во македонските села во кои нема водоснабдувачки систем се бактериолошки неисправни, според податоците од Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје. Најкритична категорија претставуваат водоснабдувачките објекти (бунари, извори и чешми) што се изградени и приватно финансирани од самите граѓани и кои не се дел од јавните водоснабдувачки претпријатија.
– Како статистички податок и како процент на ниво на држава, тоа не е висока бројка, но од друга гледна точка, во срцето на Европа во 21 век околу 60.000 жители пијат вода од извори што се небезбедни, ниту биолошки ниту хемиски – вели д-р Златко Илијовски, дипломиран инженер геолог од Градежниот институт.
Тој посочува дека бунарите и чешмите во руралните средини не се предмет на редовна и плански организирана контрола за квалитетот на водата, а само во некои од нив се вршат повремени контроли од страна на регионалните центри на институтите за јавно здравје.
– Употребата на вода од ваквите бунари е ризична по здравјето на тие што ја користат. Дел од изградените водоводни системи не се под управување од страна на јавни комунални претпријатија, туку со истите тие раководат локалните месни заедници. Овие водоснабдувачки системи не се безбедни бидејќи кај голем број од нив не се вршат редовни контроли на квалитетот на водата, или, пак, контролите се повремени, па има чести појави на неисправна вода – објаснува Илијовски.
Во согласност со Законот за води (член 29 ст. 1), граѓанинот што е сопственик или носител на друго стварно право врз земјиштето може да копа обичен бунар за снабдување со вода за пиење, за поење добиток и други лични потреби. Тоа значи дека бунарите што граѓаните ги користат за свои лични потреби треба да бидат одржувани од нив самите за да се обезбеди квалитетна и безбедна вода за пиење. Водата наменета за консумирање секогаш мора да е безбедна и чиста во согласност со одредбите од овој закон и да исполнува стандарди и вредности за квалитет, информира Евгенија Крстевска, проектна координаторка на „Вода за промени“.
– Водата наменета за консумирање не треба да содржи микроорганизми, паразити или материи и супстанции што во определен број или концентрации можат да претставуваат опасност за здравјето на луѓето и мора да ги исполнува минималните вредности, стандарди и параметри за квалитет на вода во однос на микробиолошки параметри, физичко-хемиски параметри, радиолошки параметри, биолошки индикатори (фито и зооплангтон) за водоснабдување со вода од површинските води и подземните води и одредени бунари – истакна Крстевска.
Министерството за здравството ги утврдува минималните вредности, стандардите и параметрите за квалитет на водата, како и мерките што се неопходни за нивно постигнување. Без дозвола не може да се копа бунар за наводнување на земјиште опфатено со хидросистем или систем за наводнување, смета Крстевска.
– Министерството за животна средина и просторно планирање може да нареди испитувања и мониторинг заради собирање податоци и други информации за расположливоста на подземните води, одржливите стапки на црпење води, просторната разделеност на бунарите, тестови за црпење, хидрогеолошкото картирање и други работи неопходни за правилното искористување на подземните води. Меѓусебно влијание, заштитата и мониторингот на бунарите се обврска на министерството, додека водостопанските инспектори имаат надлежност да проверат дали водата се користи и заштитува во согласност со Законот за води – додава Крстевска.
Зголемениот број бактерии во воздухот и почвата, отпадните води од органските растенија, честиот случај на изумрени и расфрлени животни и близината на септичките јами и депонии се главните причини поради кои може да се случи загадувањето на чешмите и на бунарите. Присуството на бактерии во водата може да предизвика бактериски болести, како тифус, дизентерија и цревни болести што се јавуваат од колиформни или фекални бактерии, како што се ешерихија коли и клепсинела. Друг сериозен проблем претставува непостоењето на прочистителни станици за отпадни води, кои може да завршат во подземните води. На квалитетот на подземните и површинските води влијаат и нерегуларните комунални депонии, индустриските депонии и други загадувачи. Илијовски смета дека досега е евидентна недоволна грижа од страна на државата, институциите и од самиот човек за заштита на животната средина, вклучувајќи ги и водите. Отсуствува и концепт на одржливо управување со водите.
– Голем придонес за подобрување на состојбите во оваа сфера треба да дадат самите општини. Напори секако се прават, но кај голем дел од општините капацитетите и можностите за наоѓање брзи и технички долгорочно издржани решенија се лимитирани. Треба да знаеме дека природната средина може да обезбеди одреден степен на заштита, но таа не е бесконечна и не постои целосно резистентна средина. Потребно е итно да се преземат соодветни мерки и акции за зачувување на квалитетот на подземните и површинските води во Македонија. На многу места, огромни резервоари на подземна вода се сериозно загрозени и се под закана од загадување. Сличен е и случајот со површинските води – заклучува Илијовски.
Во иднина треба да се тежнее кон доизградување на водоснабдувачки системи за оние жители што не се покриени со јавен водоснабдувачки систем, како и за целосно преземање на изградените водоводи од страна на јавни комунални претпријатија. Доколку руралното население што и понатаму не е дел од јавен водоснабдувачки систем одлучи и понатаму да црпи вода за консумирање од приватни бунари, се препорачува нејзиниот квалитет да се подобри преку филтрација, почнувајќи од механичката, па до специјалната филтрација што отстранува бактерии и метали.
Со овој текст, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.