Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје и јавните градски претпријатија за претстојната зимска сезона 2020/2021 обезбедија околу 4.000 тони индустриска сол, од кои околу илјада тони се резерва од зимската служба 2019/2020. Обезбедени се и 350 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини, велат од Градот

НЕОДАМНЕШНИОТ УТРИНСКИ СНЕЖЕН ТЕСТ ПОКАЖА НАВРЕМЕН ПОЧЕТОК
НА ЗИМСКИТЕ ПРОТОКОЛИ НА ГРАДОТ И ОПШТИНИТЕ

Повторно снег и ниски температури во Скопје, временски проблеми што причинуваат главоболка не само кај возачите туку и кај надлежните. Лизгав коловоз, велосипедски и пешачки зони е најчестата проблематична состојба што зимскиот период од годината ја носи со себе. Сепак, се чини дека годинава и зимата е блага во однос на снежните врнежи, бидејќи метрополата претежно се соочува со суви и проодни сообраќајници. Меѓутоа, за да биде така, надлежните мора да преземат мерки за да не се случуваат голем број незгоди низ градот.
За спречување на замрзнување на сообраќајниците, изминатиот период, откако температурата на воздухот во градот бележи опаѓање под нулата, општините и градските власти презедоа мерки за превенција од појава на голомразица.
Годинава мошне е популарно прскањето на улиците со емулзиска течност, која всушност го спречување замрзнувањето на коловозот. Карпош, Гази Баба и Бутел се само дел од општините што прскаа со оваа течност на критичните сообраќајници, каде што постои ризик за безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Координативниот штаб на зимската служба на Општина Гази Баба изврши попрскување на улиците во високите населени места и надвозници со посебна течност за спречување од замрзнување на коловозот.
– Се следи состојбата на теренот и ќе се дејствува во согласност со потребите – информира градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, на својот фејсбук-профил.

Со емулзиска течност прскаа и локалните власти на Карпош. Оттаму велат дека за спречување на замрзнување на улиците се искористени 15 тони емулзиска течност.
– За оваа намена, Општина Карпош распиша тендерска постапка, на која фирмата „Анизор“ понуди најдобри услови и исполни одредени критериуми (од аспект на специфична механизација). Притоа, истата фирма се обврза дека покрај механизацијата, соодветна за зимски услови, ќе ја обезбеди и конкретната емулзиска течност за одржување на коловозот – велат од Карпош.
На прашањето дали оваа течност е безбедна за животната средина, од Карпош велат дека избраната фирма располага со соодветни сертификати што гарантираат дека оваа емулзиска течност, која се нанесува на сув асфалт 48 часа пред снежните наноси, е безбедна за животната средина и за граѓаните.
Со емулзиска течност во своите општини прскаа и надлежните во Центар и во Бутел.
Градските власти сепак се држат до стариот и традиционален метод против замрзнување на улиците. Наместо течност, Градот низ улиците истура сол.

– Град Скопје и јавните градски претпријатија за претстојната зимска сезона 2020/2021 обезбедија околу 4.000 тони индустриска сол, од кои околу илјада тони се резерва од зимската служба 2019/2020. Обезбедени се и 350 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини. Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од над 2.600.000 квадратни метри. До овој момент (заклучно со 26 јануари) потрошени се 365 тони сол, а до овој момент не е користено средство против мрзнење на улиците – информираат градските власти.
Граѓаните се задоволни од реакциите на надлежните. Велат дека годинава иако немаше снег, сепак немало ниту голомразици низ сообраќајниците.

– Да бидеме искрени, годинава надлежните навистина добро се справуваат со зимските услови, односно успешно спречуваат замрзнување на улиците и на пешачките зони. Иако нема снег, сепак беше најавено дека ќе паѓа, па надлежните предвреме реагираа за да спречат поголеми проблеми во градот. Секаде е проодно, дури и велосипедистите и пешаците непречено се движат низ Скопје. Тоа навистина е за пофалба – вели Ивица Ангеловски.


Сите на Водно

Врнежите од снег во главниот град, за жал на поромантичните сограѓани и децата, не направија никаква снежна зимска идила во метрополата. Снегот што паѓаше беше мешавина од вода и снег, па парковите и улиците не ја добија посакуваната зимска слика.
Сепак, снегот во поголемо количество наврна на Водно, па, така, скопјани во попладневните часови се упатија кон единственото место во градот што е доволно блиску, а каде што децата може да поиграат со снегот.
Водно беше преполно од посетители, а ниските температури не ги премислија граѓаните да заминат на прошетка.
Најзастапени беа децата, иако и возрасните не можеа да ги скријат насмевките.

 

 

[email protected]